Ромите под Кале – ни на небо, ни на земја

На само половина километар од блескавите нови градби во центарот на Скопје, голем број бебиња и деца Роми растат во прашина и во ѓубре, под сонцето кое пржи.

Во сивилото околу нив, единствено шаренило се малкуте играчки кои успеале да им ги донесат нивните родители. Дел од нив седеа во сенката од големите вреќи со пластични шишиња кои ги собираат од кантите и контејнерите, дел пак радосно исчекуваа да влезат во жолто-синиот гумен базен кој го подготвуваа повозрасните.Деца играат со базен

Пред две недели тие со семејствата беа насилно избркани под скопското Кале, каде живееле скоро десет години. Нивните импровизирани бараки беа урнати, а на тоа место се почнати градежните работи за хотелски комплекс во барокен стил. Сега овие 120 Роми живеат педесетина метри подалеку, под отворено небо, во уште полоши услови. Велат дека властите постојано вршат притисок да ги тргнат и од таму. Но, тие немаат каде да одат.

Слика Аманда со Атеш

Аманда и Атеш

Аманда која во раце го носеше Атеш, најмалото од нејзините три деца, раскажува за нивното мизерно секојдневие. Не можат да се прехранат, ниту да се избањаат.

„Тешко живееме. Немаме никакви услови. Немаме ни вода, ни пелени за децата. Ќе фатат шуга. Немаме каде да ги избањаме. И пумпата која ја имавме ни ја искршија. Бараме да не стават каде било. Бараме помош“, вели таа.

Авдије Бектеши пак вели дека немаат намера да одат во прифатилиштето во „Чичино село“ каде ги праќаат надлежните, бидејќи таму нема ниту место, ниту услови за 29-те семејства кои заедно живеат покрај брегот на Вардар.

„Овде е за никаде. Хигиена нема никаква. Децата се капат во Вардар. Јадеме од кантите, од ѓубре. Нема никаква работа. Да не се овие пластики немаме што да јадеме. Но, подобро овде надвор ќе спијам отколку во „Чичино село“, во џунгла“, вели таа.Дислоцираните Роми под Кале

Реџеп Хасан убедува дека немаат намера да се тргнат од тука додека не се реши нивниот проблем.

„Откако дојдоа да рушат ние сме ни на небо, ни на земја. Апелираме до сите да ни најдат место, каде било, само да имаме каде да ја сокриеме главата. Да живееме како и другите. Нашите деца умираат за вода овде. Немаме никаква помош. Спиеме надвор. Надвор сме и кога врне. Ги молиме граѓаните да ни помогнат со храна и вода, што имаат. Не праќаат во „Чичино село“. Нека одат тие со своите деца таму“, раскажува разочарано.

Реџеп со дел од семејството

Реџеп со дел од неговото 25-члено семејство

Вели дека за нивниот проблем, освен невладини организации кои им излегуваат во пресрет, никој не се интересира. Бесни се и на политичарите.

„Никој не нè брани. Доаѓаат само за гласање и со еден сендвич не лажат. Ни ветуваат сè и сешто, а по гласањето никому не му е гајле за нас. Револтирани сме од политичарите. Нема да гласаме за никого следни избори. Кога ќе дојдат со колите овде ќе ги избркаме“, револтирано вели Реџеп.

Љатифе Шикоска од невладината Амбрела, објаснува дека овие луѓе се дислоцирани пред да им се најде соодветна локација каде ќе живеат. Вели дека постојано се обидува да ги натера институциите да се зафатат со решавање на нивниот проблем, но не наидуваат на слух од другата страна.

Љатифе во разговор

Љатифе Шикоска во разговор со групата Роми

„Овде има 64 бебиња и деца до 17 години – вие не можете туку така да ги рушите и да ги оставите на отворено, без покрив над главата. Се обидувам да ги размрдам надлежните институции, пред сè, Министерството за труд и социјална политика, да преземе конкретни активности и да ги згрижи овие луѓе. Ние бевме, со дел од засегнатите, во посета на „Чичино село“, тоа е единственото прифатилиште кое го имаат од Министерството. Освен тоа што условите не се соодветни, нема ни доволно капацитет да прими 121 лице колку што ги има овде. Се трудам цела недела да ги контактирам луѓето од министерството, на заеднички состанок да најдеме некакво решение. Но колку повеќе се обидувам, толку повеќе ме игнорираат“, вели таа.

Шикоска додава и дека овие луѓе под отворено небо го преживеале невремето кое го зафати скопскиот регион и исто така се погодени. Информираше дека поднеле барање до Министерството и тие да бидат парично обештетени.

„Невремето е невреме. Страдањето е страдање. И не треба да се селектира. Сите овие луѓе се засегнати. А се работи и за деца кои се изнемоштени, хигиенските услови кои се тешки. Имаме бремени жени и бебиња. Ако надлежните немаат слух ќе го активираме и меѓународниот фактор“, вели таа.

Внатрешноста на импровизираните живеалишта

Внатрешноста на импровизираните живеалишта

Од Министерството за труд и социјална политика не добивме одговор на кој начин планираат да го решат проблемот.

Овие ромски семејства најавуваат протести доколку продолжи игнорирањето од институциите. Бараат еднаков третман и можности како и сите останати државјани на Македонија. До тогаш, велат, нема да отстапат.