Бебињата и мајките Ромки во хигиенски „пекол“ под Калето, очекуваат спас до септември

Давид е најмладиот член на Ромите кои живеат под скопското Кале. Има три месеци, но веќе половина од тоа време се лечи од здравствени проблеми. Се родил со бронхитис, а сега му е потребна операција од кила.

„Сè е тоа од овие прашини во кои живееме. Еден месец бевме во болница поради бронхитот, треба да му се прави операција од кила, но немам пари и не го носам. Гледам да заработам, па да го оперираме. Која мајка сака неговото дете да има проблем? Нема каде да го бањаш, нема никаква хигиена. Вршиме нужда каде ќе најдеме, во гранки во шуми… Одам да просам за да му купам пелени“, вели Љетафет, мајката на малиот Давид.

Љетафет и Давид

Додека повеќето деца трчаа наоколу со мрсулести носиња, повозрасните во сенка ни објаснуваа дека во нивната импровизирана населба особено е неиздржливо за бремените жени и малите бебиња.

„Во лето е многу топло, а во зима децата треба да бидат на топло, па палиме што ќе најдеме. Поради нехигиената децата фаќаат болести и инфекции кои многу тешко се лечат. Со месеци лежат во болници. Овде е многу тешко да бидеш мајка“, вели Дудије Асан.

Поголемиот дел од жителите на населбата се неписмени, додека ниту едно дете не оди во градинка или училиште. Ромите велат дека најмладите учат основни работи, како пишување на своето име, само преку волонтерски акции на поединци и преку невладините организации кои им пружаат помош.

Контејнери во Визбегово како времено решение

Надеж за овие 37 семејства со вкупно околу 200 лица се најавите кои ги добиле од надлежните дека до почетокот на есента ќе им биде понудено да се преселат во контејнери за домување во Визбегово. Ромите објаснуваат дека претставници од Министерството за труд и социјална политика ги посетиле и им покажале како би изгледале нивните идни живеалишта.

„Ќе има клима?“. „Мора да има, гледаш тука е на сликата?“. „Вакви има во Германија и Швајцарија“, коментираат задоволно Ромите, додека ги гледаат сликите со примери од внатрешноста на контејнерите.

„Таа локација е прифатлива за нас“, ни вели Реџеп Асан, додека ставаше облоги на изгорениците на стапалото. Ги радува можноста за школување на децата, чиста вода и цврст покрив над главата, кој нема да го сруши првото посериозно невреме.

„Јас едвај чекам да одам таму. Ова овде не е живот. Не сме бањати, немаме храна, некогаш јадеме, некогаш не јадеме. Цел ден сме на пат, а на ова време не може ни да се работи. Таму барем ќе има струја, вода, хигиена, децата ќе учат. Потребно е да се најде трајно решение, но најважно ни е да имаме основни услови за живот“, раскажува тој.

„Ако се преселиме таму ќе биде подобро. Има голема разлика, контејнерите се како куќи. Со струја, со вода и децата ќе одат на училиште. Овде имаме проблеми и со полиција, не не оставаат да работиме, не казнуваат. А ние само со пластика се занимаваме за да преживееме“, вели Осман Алберт.

Концепт на пилот заедница

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека во тек се активностите за наоѓање системско решение за бездомните лица сместени под Кале, имајќи ги во предвид нивните навики и начин на живеење. Тие велат дека се разгледуваат локации каде би се формирала една пилот заедница која би понудила нов почеток за овие луѓе, која би била поддржана и од меѓународните и домашните невладини организации.

„Концептот кој Министерството планира да го промовира во наредниот период е пакет на сместување и реинтеграција на овие граѓани. Овој пакет би опфатил задолжително вклучување на децата во образовниот систем, помош на истите во процесот на нивно описменување како и постапки за формализирање на активностите кои повеќето од нив ги вршат како собирачи на ПЕТ отпад“, велат од Министерството.

Љатифе Шикоска од невладината „Амбрела“ кои ја следат состојбата на оваа ранлива категорија лица, вели дека во моментов, во импровизираните живеалишта под калето има околу 65 деца до 17 години, шест новородилки и околу 8 бремени жени.

Охрабрена што конечно од Министерството почнале со конкретни активности, таа смета дека е приоритетна нова дислокација и овие луѓе да не се враќаат назад – под Калето, каде состојбата е многу лоша.

„Дојдени сме до онаа завршна фаза. Пред два дена, заедно со претставници од бездомните семејства, ја посетивме локацијата во Визбегово. Таму има доволно простор каде проценивме дека може да се постават околу 33 контејнери, по еден за секое семејство. Тоа би било едно времено решение, со кое би добиле на време за да најдеме трајно решение за нивната ситуација “, вели Шикоска.

Главните проблеми за кои понатаму ќе треба да помогне Министерството се покривање на трошоците за вода и струја, како и транспорт на децата до градинките и училиштата. Таа се надева дека целиот процес ќе заврши до првата недела од септември и дека децата ќе можат навреме да се вклучат во образовниот процес.

Пред една година властите насилно ги избркаа и им ги срушија живеалиштата на ромските семејства од локацијата каде престојуваа 10 години поради изградба на хотел во барок. Тие се префрлија педесетина метри подалеку во уште полоши услови очекувајќи решение од властите.

Даниел Евросимоски