Романците на масовни протести во одбрана на специјалната обвинителка Ковеси

Илјадници луѓе демонстрираа на ниските температури низ Романија во поддршка на јавната обвинителка Лаура Кодрута Ковеси, за која Министерот за правда, Тудорел Тоадер, побара да биде отпуштена поради надминување на нејзините овластувања.

Тоадер минатата недела повика Ковеси да биде отстранета од функцијата поради „дела и факти неспоиви со владеењето на правото“, додека синоќа граѓаните на протестот пред Владата повикаа на оставка на Министерот.

„Ова е народен револт и бараме оставка од нашиот министер за правда Тудорел Тоадер. Тој лаже и отсекогаш лажел“, изјавила една млада жена за време на протестот, пренесува Еуроњуз.

„Сите луѓе кои сме собрани на овој плоштад, се плашиме дека другите држави во Европа ќе се оттргнат од нас. А ние сметаме дека не го заслужуваме тоа“, изјавил друг човек.

Обвинителката, сепак, доби поддршка од романскиот претседател Клаус Јоанис, кој ја пофали нејзината работа во борбата со политичката корупција.

Брисел посебно ја следи ситуацијата со романското правосудство. Земјата се соочува со перцепција на една од најкорумпираните држави во Европската Унија, додека се стравува дека отпуштањето на Ковеси ќе претставува дополнително влошување на ситуацијата.

Ковеси го предводи Националниот директорат за антикорупција (ДНА) од 2013 година, кој истражува корупција и злоупотреба на моќ кај пратениците, министрите и останатите високи државни функционери во една од најкорумпираните европски држави.

За време на нејзината петгодишна работа бројот на обвиненија за висока корупција драстично се зголемија, што наиде на поддршка од Европската Унија. Нејзината работа доведе до голем број отворени судски процеси против највисоките романски функционери.