Роамингот во Албанија, БиХ, Косово, Србија и Црна Гора од денес поефтин и до 99%

Граѓаните на Северна Македонија од денеска, при секое патување во во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора ќе можат да користат интернет, да испраќаат СМС пораки да добиваат повици и примаат повици во роаминг по драстично пониски цени.

Како што соопшти министерот за информатичко општество и администрција Дамјан Манчевски, од денес појдовни повици во роаминг од овие пет земји од Западен Балкан ќе чинат 5,05 денари по минута, ќе можат да примаат повици по цена од 2,9 денари по минута, цената за СМС пораки ќе биде 2,6 денари, додека еден мегабајт интернет ќе чини 1,9 денари.

Манчевски објасни дека процентуалното намалување за сите услуги во Албанија и Косово е над 93%, додека за Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора цените се намалуваат од 30 до 90 проценти за различни услуги.

ФОТО: МИОА

Како што објасни Манчевски, разликата во намалувањето на цените изразено во проценти се должи на тоа што во првата група се земји со кои што претходно Северна Македонија имала потпишано спогодба за намалување на цените на роамингот (Босна, Србија и Србија), додека во втората група се земји каде што цените на роаминг услугите не беа регулирани претходно (Албанија и Косово).

Намалувањето на цените на услугите во роаминг, произлезе како заклучок од првиот Дигитален Самит што се одржа во Скопје, по што следуваше потпишувањето на договор помеѓу сите 6 држави на самитот во Белград.

„Во изминатата година активно се работеше на реализација на овој договор. Во процесот беа вклучени регулаторите и мобилните оператори од земјите од Западен Балкан. Имаше и проблеми. Дел беа предизвикани од бизнис интереси, дел од техничка природа, а дел беа и политички. Сепак на крајот со голема поддршка пред се од владите на сите земји од регионот, на ЕК и на РЦЦ, успеавме. Тука сакам да ја истакнам и заложбата на АЕК, Телеком и ВИП како претставници од страна на нашата држава кои дадоа поддршка и помогнаа да се заврши овој процес. Сите заедно се обединивме со една цел а тоа е конечно граѓаните на Северна Македонија слободно да ги користат услугите кога патуваат во земјите од регионот. Сигурен сум дека ова ќе придонесе и за развој и олеснување на комуникцијата за тие кои редовно патуваат поради работни обврски, но и за оние граѓани кои туристички патуваат особено сега во летниот период“, рече Манчевски.

Министерот информираше и дека од 1-ви јули 2021 година, корисниците воопшто нема да плаќаат за користење на роаминг услугите во шесте земји на Западен Балкан. Тогаш во сила ќе стапи целосно „Роаминг како дома“, по примерот наземјите од Европската Унија.