Рекорден број на новинари приведени годинава во светот, најмногу од нив во Турција

Повеќе новинари биле уапсени годинава од владите низ светот, отколку во било која друга година во последните три децении, претежно поради прогонот на новинарите после обидот за воен удар во Турција во јули.

Според годишната анкета составена од Комитетот за заштита на новинарите (CPJ), до 1 декември оваа година во затвор имало 259 новинари, а најмалку 81 од нив биле во турските затвори.

Сите уредници, новинари, илустратори и фотографи кои се приведени во Турција се соочуваат со обвивенија за дела против државата.

Се верува дека тоа е најголем број на новинари кои некогаш биле приведени во една држава одеднаш. Десетици други новинари биле и претходно затворени во Турција, но CPJ не можеле да воспостават директна врска меѓу нивната работа и обидот за воен удар.

Некои набљудувачи веруваат дека вкупниот број може да биде дури и до 140 новинари.

CPJ констатира: „Во Турција, слободата на медиумите веќе беше под опсада на почетокот на 2016 година, а властите апсеа, малтретираа и бркаа новинари, истовремено затворајќи или преземајќи медиуми“.

Во двомесечниот период после обидот за пуч во јули, турската влада предводена од претседателот Реџеп Таип Ердоган приведе повеќе од 100 новинари и затворија најмалку 100 медиуми.

Заедно со Турција, на светско ниво годинава биле приведени 259 новинари. За споредба, во 2015 година бројката била 199 новинари. Ова е досега најголема бројка откако Комитетот почнал да работи во 1990 година.

Во оваа статистика не се вклучени новинарите кои исчезнале, или кои се во рацете на терористички групи и организации. На пример, новинарот Џон Кентли од Англија, кој е заложник на Исламска држава, се води како „исчезнат“ или „киднапиран“.

После Турција, земја во која има најголем број на уапсени новинари во 2016 година е Кина, каде 38 новинари биле во притвор заклучно со 1 декември. Кина беше на првото место во изминатите две години.