Радио МОФ@MOT: „Мир со вас“ и „Хор на сираци“

Синоќа (вторник, 3 октомври), во Кино Култура се играа претставите „Мир со вас“, во продукција на  студиото за документарен театар Vox Populi, од Бугарија и полската претстава „Хор на сираци“ од страна на актерската екипа од КТО Театарот во Краков. Прочитајте ги освртите за двете претстави кои се играа во рамки на годинешното издание на Младинскиот отворен театар МОТ, напишани од Атанас Димитров и Јована Ѓорѓиовска.

Мир со Вас 

Претставата ги истражува премрежјата на бегалците од Сириската граѓанска војна, преку презентација на интервјуа кои членовите на театарот самите ги имаат снимено со неколку бегалци во Бугари, испреплетени со сценски перформанс кој укажува на ужасите кои овие луѓе ги имаат проживеано во своите патешествија.

„Мир со вас“ е проблематична претстава, не поради тоа што не гаѓа во целта, туку поради низа на технички и наративни проблеми кои искрснуваат во неа. Интервјуата со бегалците најчесто само се проектираат на филмско платно, кое е ставено на самата сцена. Во моментот кога ќе започнете да ги гледате интервјуата, ја губите врската со тоа што пред малку се случувало на сцената. Театарската мистика, која се градела некое време, е несмасно пресечена со документарна статика. Театарот, исто како и филмот, ако не и повеќе, зависи од тоа публиката да го остави своето неверување на прагот, да го верува неверојатното. Тоа е потребно за неа да ја повлечете навнатре, за сцената да не биде само линија меѓу актери и гледачи, туку жив пејзаж.  На „Мир со вас“ тоа им успева нешто подобро во сценскиот перформанс, отколку во документарните снимки, кои требало да бидат вградени во претставата на некој пооргански начин.

Што се однесува до наративот,  очигледна е искрената намера да се предизвика сочувство и разбирање за бегалците, кои често се портретирани како проблем на Европските земји, како економски мигранти или мал милион други еуфемизми за да не мора да го изговориме зборот „бегалци“. „Мир со вас“ ја раскажува веќе добро познатата приказна – бомбардирања, исламистички терористи, тенкови на улиците, глад. Сценската изведба ги рекреира сите овие работи во мало, па актерите ги преземаат улогите на бегалците, иако, на моменти, малку несигурно.

Една од препораките која се дава на млади дебатери за да предизвикаат внимание кај слушателите е да користат репетиција на зборови кои звучат слично или почнуваат на истата буква. на пример, говорете за “претешките проблеми на Палестинскиот народ„. Се чини дека од сличен предлог тргаат и Vox Populi, со тоа што ни говорат за “сериозната ситуација на Сиријците“. Овој модел на комуникација е корисен кога се користи умерено, но не е толку лесно да се изведе во театар, особено кога обработува нешто што со години  циркулира на сите медиуми и за кое публиката најверојатно е еднакво добро информирана како и авторите. Најважното правило за оваа репетиција е да внимавате во еден момент да не се претвори  во редукционизам. Токму тоа е и еден од проблемите на „Мир со вас“ – го дестилира проблемот на низа на сцени, кои доколку се тргнат парчињата документарни сведоштва, ќе се сведат на материјал кој може да се изигра во 10 минути. Особено во ситуација кога секоја втора претстава поставена изминативе две години го обработува истото прашање, „Мир со вас“ не носи дополнителна анализа или вредност, туку само го додава својот поглед на низата веќе искажани.

Хор на сираци

Веднаш по „Мир со вас“ во МКЦ беше одиграна полската претстава „Хор на сираци“ од страна на актерската екипа од КТО Театарот во Краков. Иако навидум фокусирана само на еден прототипен ден од пост-воениот живот на преживеаните деца кои ги загубиле своите најблиски во војната, оваа детално осмислена „театарска сеанса“ суптилно ја анализира осаменоста како универзална појава. Без текст, но со синхронизирани движења и фацијални експресии полни значење, возрасните актери во „Хор на сираци“ се претопуваат во униформирани деца чија индивидуалност двете строги воспитувачки постојано се обидуваат да ја уништат.

Особено интересно е поставувањето на сцената – публиката седи на две спротивни страни, а во средина се наоѓа метална конструкција која е истовремено и мензата и спалните соби и дворот на домот за сираци. Поради ова, двете групи гледачи добиваат можност да погледнат два различни дела од приказната кои се одвиваат паралелно и се на многу места, испреплетени. За поздравување е и физичката спремност на актерите кои движењата по релативно тесната метална конструкција ги изведуваа отсечно и со леснотија, а особено двете воспитувачки кои сето ова го правеа во чевли со високи потпетици.

Прецизно кореографирана на „Симфонијата на тажни песни“ од Горецки, „Хор на сираци“ доловува неколку крупни моменти од животот на децата кои сами по себе се доволно измачувачки, но заедно говорат за еден заеднички крик за утеха: воспитувачките сурово ја имплементираат максимата „посилниот победува“ преку мотивирање на седумте деца да се борат за двата портокали, весело ракоплескање на одглумени сцени на насилство за забава, злоупотреба на моќта за сопствено сексуално задоволство.

Сепак, еден подлабок поглед кон содржината на претставата посочува на фактот дека режисерот успеал да направи многу прониклива дисекција на механизмите на социјално однесување во затворена група, особено во ситуации кога не постои надворешна контрола или можност за одбрана. Веројатно тука лежи и маестралноста на самиот крај на претставата: залудниот напор и сила насочени кон излегување од домот (но и пошироко, непријатните доживувања) преминаа во беспомошно „обожување“ на металната конструкција која е главниот симбол-противник на слободата на децата.

Долготрајниот аплауз, пократок можеби единствено од тој за изведбата на „Лебенсраум“ во саботата, е главен доказ за умешноста на актерската екипа да допре до сите присутни во салата без претенциозност, со многу чистина и искрено признание дека осаменоста е заедничко искуство.