Работници од „Гугл“ даваат откази поради соработка со војската

Сè повеќе работници на „Гугл“ потпишуваат интерна петиција со која бараат од работодавецот да не се вклучува во „соработување со војна“, а некои наводно дале и отказ во знак на протест против соработката со американската војска.

Околу 4.000 работници на Гугл потпишале петиција што почна да кружи по компанијата пред три месеци со барање до интернетскиот гигант да не користи вештачка интелигенција за да ги оспособи американските воени дронови за поточно распознавање на целите што ги следат.

Веб-сајтот за технолошки вести Гизмодо неделава извести дека десетина работници решиле да дадат отказ од етички причини.

Во „Гугл“ не одговорија веднаш на медиумските прашања за таканаречениот проект Мавен во чиј состав машинската наука и инженерските знаења наводно се користат за разликување на луѓето од објектите во видеозаписите снимени со дронови за потребите на американското Министерство за одбрана.

„Сметаме дека ‘Гугл’ не би требало да се занимава со работи поврзани со војна“, стои во петицијата според копиите објавени на интернет.

„Затоа бараме запирање на проектот Мавен и бараме Гугл да скицира, да објави и да спроведува во дело недвосмислен начелен став според кој ни Гугл ни неговите производители никогаш нема да развиваат технологија за потребите на војната“.

Петицијата, меѓу другите, ја поддржаа Фондација за електронски граници (ЕЕФ), активистичка група за правата на интернетот и Меѓународниот одбор за контрола на роботичкото оружје (ИЦРАЦ).