Пуштен нов водоснабдителен систем во Гевгелија, властите тврдат проблемот со питката вода е надминат

Во Гевгелија, по повод општинскиот празник, денеска беше предаден во употреба новиот водоснабдителен систем, инвестиција во износ од 1,7 милиони евра, преку кој на гевгеличани им се обезбедуваат дополнителни количества квалитетна вода за пиење, објави агенцијата Мета.

Изградбата на системот почна во февруари 2017 година, од претходното раководство и градоначалникот Иван Франгов, кој беше присутен заедно со моменталниот прв човек на општината, Сашо Поцков.

„Системот има три бунари во месноста ‘Мрзенска ада’ кај реката Вардар, кои на гевгеличани ќе им обезбедат дополнителни 200 литри вода за пиење во секунда и со постојните бунари кај Моин, проблемот со вода за пиење на гевгеличани им се решава најмалку за наредните 30 години“, рече градоначалникот Сашо Поцков.

Поради завршување на некои мали технички работи, новиот водоснабдителен систем ќе се приклучи во Регионалниот водовод кон крајот на овој месец, а идната година, според Поцков, општината ќе набави деарсенификатори за водата од моинското бунарско подрачје.

Според министерот Горан Сугарески, со новиот систем е надминат деценискиот проблем на гевгеличани.

„Имајќи предвид дека најгорливиот проблем на гевгеличани беше токму водата за пиење, со изградбата на овој систем очекуваме да се надмине деценискиот проблем и конечно да се подобри водоснабдувањето во градот. Министерството за транспорт и врски беше дел од овој голем проект, партиципирајќи со средства преку кредитната линија од Европската Инвестициона Банка. Сега кога овој предизвик е надминат, очекуваме во наредниот период локалната самоуправа да работи на нови проекти за да се надградува економскиот потенцијал на Гевгелија“, рече министерот Сугарески.

Од иницијативата „Арсена“ преку социјалните мрежи соопштија дека си ја завршиле својата превземена граѓанска задача.

„Поттикнавме една една локална власт да го признае постоењето на отровниот арсен во гевгелиската вода (за кое четири години лажеше дека не постои) и да започне проект за нов водоснабдителен систем, а новата локална власт тоа го препозна како проектен приоритет за гевгеличани и го заврши проектот со сите неопходни додатни средства вложени за изведба на констатирани недостатоци во проектот, неопходни за целосно функционирање на истиот“, соопштија од „Арсена“, кои долго време беа активни и алармираа за арсенот во гевгелиската вода.