Помина Светскиот ден на водите, а во Гевгелија останува арсенот во водата

Арсенот е 20-тиот елемент по застапеност во Земјината кора. Првпат е документиран во 1250 година, а со текот на вековите најде најразлични примени во медицината, во сегменти од градежништвото, па и во уметноста. За импресионистите арсенот бил состојка на една посебно ценета боја – паришката зелена. Дијабетесот што се развил кај Пол Сезан, слепилото на Клод Моне и невролошките нарушувања кај Ван Гог се дел од приказните за широката „благотворна“ употреба и последиците од арсенот.

Неговата токсичност го направи омилен дворски отров, со симптоми слични на колерата, а подоцна често се користел и во политички цели. Се верува дека од арсен умреле Франческо Први Медичи и неговата жена, кралот Џорџ Трети, истражувачот на Африка Чарлс Френсис Хол, но и американската амбасадорка во Италија по Втората светска војна Клер Бут Лејс. Постојат и приврзаници на теоријата за слична смрт и на императорот Наполеон Бонапарта на островот Св. Елена.

И денеска е познат како отров меѓу кралевите и крал меѓу отровите. Арсенот е распространет по балканските почви, па со време е развиен т.н. балкански ендемизам на бубрежни болести. Арсенот е различно токсичен во храната, воздухот и водата. Но, секој хемичар, научник и доктор веднаш предупредува за неговото отровно влијание и долгорочните здравствени ефекти кај луѓето.

Оттука, не е чудно што е подгреана лутината на граѓаните на Гевгелија, кои со години пијат вода со недозволени концентрации на арсен. Всушност, во Гевгелија проблемот со токсичната вода трае 365 денови, не само за Меѓународниот ден за водите. Овој ден беше само можност уште еднаш јасно да се укаже на потребата на итни мерки. Без ново одложување.

Гевгеличани, особено активистите од иницијативата „Арсена“, сè уште со кампањи, донаторски акции и јавни трибини го буткаат проблемот од локалниот простор, преку социјалните мрежи, па низ локалната самоуправа, гевгелискиот совет, со цел да стигне и до централната власт. Бараат да стане државен приоритет. Активистите се револтирани што и покрај повеќе домашни и странски испитувања и анализи, кои покажаа дека локалниот „Комуналец“ преку својот систем испорачува вода со многу повисоки концентрации на арсен од максимималните 10 микрограми (границата на Светската здравствена организација), и тоа, како што тврдат на околу 20.000 луѓе, сепак, се уште нема целосна забрана за нејзино консумирање.

Од вчерашната акција на „Арсена“

„Ова што се случува со водата во Гевгелија е трагично и неодговорно. Сите сакаме чиста вода и сите заслужуваме да ја имаме дома како корисници на јавниот водоводен систем. Но, работите се надвор од секаква контрола на локалните власти, и локалното јавно комунално претпријатие, и локалниот општински Совет пред кого одговара ЈПКД ’Комуналец’ за законитоста на својата работа. Но, изгледа сиве овие години, поважан им беше мирниот мандат и бенефициите од мандатот, наместо задоволување на потребите на граѓаните за чиста вода“, изјавија од „Арсена“, чии активисти вчера под мотото „Здрава вода за здрав живот“ делеа пакувања чиста вода од штанд на градското шеталиште во Гевгелија

Според „Арсена“, за неодговорноста зборуваат податоците од Институтот за јавно здравје на РМ и констатираниот арсен во гевгелискиот водоводен систем со што е оценето дека здравствената безбедност на граѓаните е загрозена. Потенцираат дека ова се податоци кои се адресирани по службена должност директно до Министерството за здравство и Владата на РМ.

Од „Арсена“ одамна бараат решение за кое ќе се издвојат средства од локалниот и државниот буџет, со што еднаш и засекогаш ќе се елиминира на арсенот од водата. Исто така потенцираа дека според Законот за заштита на потрошувачи, корисниците на вода од градскиот водоводен систем се должни да го плаќаат тоа што го добиваат – техничка вода за одржување на хигиената, а не и од отровниот арсен.

Сега од иницијативата потврдуваат дека се во подготовка на свој правен тим кој ќе се позанимава со правните консеквенци на одговорните за долгогодишното труење на гевгеличани.

Инаку, и професорот Трајче Стафилов од Институтот по хемија, еден од најистакнатите  македонски истражувач кога се работи за присуство на метали во почва, воздух и вода, на неколку пати алармираше за арсенот во Гевгелија.

DSC_1416

Историски гледано, Стафилов рече дека присуството на арсенот во Гевгелиско потекнува од вулканската ерупција што пред 5 милиони години настанала на месноста Алшар. Кога избила максимална арсенизација, под притисок се дистрибуирале минералите на арсен низ целиот Кожувски масив. Показателите се слични и преку границата, на грчко тло, но тоа не значи дека не треба да се реагира и да се спречат труењето и развивањето болести.

„Во скопската вода неговата концентрација е под 0,1 микрограми на литар (под границата на детекција), а во кавадаречката вода е 4 микрограми. Арсенот постои низ водите низ регионот, но е далеку под гевгелиските вредности! Во рамките на еден европски проект пред седум години со студентите од сите поголеми градови собравме примероци вода. Зедовме и од Гевгелија, а потврда за лошите резултати добив и од Берлин. Веднаш порачав да се бара алтернатива, нов извор, или забрана за пиење на гевгелиската вода. Градскиот завод за заштита е задолжен да анализира примероци. Ако во еден периметар се надминува границата од 10 микрограми, тогаш треба да се забрани за пиење! Ги објавивме резултатите и во списание, ги пратив и до Министерството за животна средина. Ја информиравме и општината Гевгелија, но застана таа работа…“, рече професорот Стафилов.

Општина Гевгелија досега најавуваше неколку проекти за справување со арсенот, бунари, нов прокет за водоснабдување, се споменуваше и поимот деарсенизациј…  На повеќе пати општинарите обвинуваа и дека се работи за политички монтиран случај од ’Арсена’ која „земала пари од Сорос за да го руши угледот на општина Гевгелија“.

Иако некои од испитувањата покажуваа дури и 90-100 отсто повисоки концентрации на арсен во водата, сепак, гевгелискиот градоначалник Иван Франгов уверуваше на добиени анализи од Белград кои покажале дека 90 проценти од арсенот во гевгелиската вода е петовалентен и е 60 пати помалку штетен по здравјето на луѓето од тровалентниот.

Бојан Шашевски