#ПрвоКафеКајБеличанец овој пат со Беличанец

Иницијативата на граѓани револтирани од загадувањето денеска повторно во 9 часот првото кафе го пиеја во Општина Кисела Вода, но овој пат во разговор со градоначалничката Билјана Беличанец Алексиќ во врска со загадувањето и што презема општината за справување со проблемот.

„На градоначалничката и посочивме дека сметаме дека и нејзината општина не презема доволно со оглед на сериозноста на проблемот. Таа ни одговори дека Кисела Вода веќе спровела повеќе проекти за зголемување на енергетската ефикасност во училишта и градинки што давало добри резултати во намалување на потрошувачката на енергија и издувни гасови. Дека општината ќе воведе субвенции за користење на пелети за 100 домаќинства, но дека како и другите општини се ограничени во надлежностите да контролираат издувни гасови по станбени објекти, во поглед на гасификацијата и во поглед на парите со кои располагаат за такви проекти. Таа исто така посочи дека проблем за гасификацијата е тоа што не постои се уште целосен подземен катастар“, информира преку социјалните мрежи Јане Димески, кој е иницијатор на иницијативата #ПрвоКафеКај заедно со Александар Донев, Александра Теменугова и Весна Никодиновска.

Исто како и од другите градоначалници, граѓаните побарале од Беличанец ако треба да излезе од своите надлежности и да не потпишува решенија за уништување на зелени површини за да го заштити јавниот интерес . Исто така, да почнат да ги мотивираат приватните сопственици на големи објекти да постават градини на крововите, да бараат многукратно повеќе пари од владата за субвенција на почисто домашно греење, да вршат поголем и јавен притисок за гасификација, да вршат притисок за субвенционирање на парно греење и изветашите од секоја инспекција извршена од страна на општинските инспектори да се објавува јавно.

„Побаравме доколку нивните проекти за енергетска ефикасност се толку успешни тие јавно да вршат притисок за да се зголемат драстично финансиите за такви потфати особено во јавни објекти и да се бараат многу повеќе пари од владата за таа намена со оглед на тоа дека владата покажа изминатите години дека може да вложува огромни суми на пари во проекти како Скопје 2014 и да ги спроведува во краток рок. Со тоа да се овозможи плановите за енергетска ефикасност да не се тегнат по 10-20 години туку да се спроведат во 2-3 години.  И од Беличанец побаравме да потврди дека ќе учествува заедно со стручни лица од службите на општината на широк форум со сите засигнати страни во Скопје на кој ќе се донесе стратегија за решавање на проблемот и ќе се почне веднаш со спроведување и добивме согласност. #ПрвоКафеКајБеличанец“, информира Димески преку Фејсбук.

Инаку, претходно граѓаните револтирани од загадувањето започнаа серија средби со Коце Трајановски, Андреј Жерновски, Ивица Коневски, Стевчо Јакимовски, а вчера дојдоа и во општина Кисела Вода, но немаа средба со Беличанец.