#ПрвоКафеКајБеличанец без Беличанец

Иницијативата на граѓани револтирани од загадувањето #ПрвоКафеКај денеска продолжи пред општина Кисела Вода. Таму скопјаните го испија првото кафе со цел, како што велат, да ја сретнат градоначалничката Билјана Беличанец Алексиќ и да разговарат за огромното загадување на воздухот, канцерогената депонија на Охис и другите проблеми од животната средина со кои се соочуваат граѓаните во општината, но и генерално во Скопје.

„Не известија дека градоначалничката не е во канцеларијата и не знаат кога ќе дојде. Кафето го испивме пред влезот со намера да ја начекаме ако евентуално пристигне во општината, но до тоа не дојде. Утре повторно ќе го пиеме првото кафе пред општина Кисела Вода со цел да и пренесеме на градоначалничката Билјана Беличанец дека не сме задоволни од тоа што го презема во врска со загадувањето на воздухот. Кафе сами си носиме. Повелете во 9 часот пред општина Кисела Вода“, велат од иницијативата преку Фејсбук.

Oваа граѓанска иницијатива се роди пред една недела, откако состојбата со загадувањето стана алармантна и беа измерени над 1.200 микрограми на метар кубен ПМ10 честички, па скопјанецот Јане Димески преку најави протест и прво кафе пред бараките на Град Скопје.

#ПрвоКафеКајБеличанец доаѓа по средбите на граѓаните со градоначалникот Коце Трајановски, а потоа и со првите луѓе на Центар, Аеродром и Карпош – Андреј Жерновски, Ивица Коневски и Стевчо Јакимовски.

Активистот Александар Донев за Радио МОФ веќе потенцираше дека дискусиите со градочалниците се со поширока цел. Освен граѓански позитивен притисок за загадувањето, идејата е набрзо градоначалниците да се спојат и со други институции, експерти и здруженија на граѓани. Така би се надминал оној момент на „префрлање на топката“ и заеднички би се барале конкретни мерки и решенија за горливиот проблем со воздухот.

„На округла маса би се соочиле, да нема префрлање на надлежности, да се увидат мерките кои треба да се превземат, притоа да се донесе и потпише стратегија на највисоко државно ниво, за да нема избегување на зацртаното. Мора да го искористиме моментумов, да се направи тоа во наредниов период, бидејќи ако не го направиме сега, ќе се пролонгира повторно за наредната година. На пролет-лето скоро никој не се интересира за проблемов, иако и тогаш е загадено, само не до волку“, рече Донев, кој заедно со Јане Димески и Александра Теменугова се движечка сила на оваа иницијатива.

Б.Ш.