Прв албум на Filch: Пожарот во Макотекс не сецна, но со заеднички сили се скрпивме и тргнавме со полн залет

По долг период создавање и работење на музиката, но и бројни тешкотии како пожарот во кој изгореа нивни инструменти, македонскиот бенд „Filch“ вечерва во кино Фросина/МКЦ ќе има концертна промоција на долгоочекуваниот деби албум „self titled“. Во интервјуто за Радио МОФ, тие говорат за новиот албум, предизвиците и енергијат која ја носат со себе членовите на бендот: Златко Андријевски/гитара, Дарко Стојоски/гитара, Теодор Бошков/бас гитара, Бранко Сапламаев/клавијатури и Гишо Динев/тапани.

Filch е заедничка приказна на петмина музичари со различни позадини, но иста љубов – блуз, грув и музика „без окови“. Беше ли тешко да се тргнат настрана влијанијата од претходните бендови во кои сте свиреле и да се насочите кон создавање на нешто сосема ново и автентично?

Требаше малку време, но не би рекле дека беше тешко да се започне со креација на музиката. Исто така, не можеме да кажеме дека ова е нешто сосема ново и автентично. Напротив – ова е нешто веќе познато, но оживеано низ свеж здив. Влијанијата од претходните бендови ќе си ги носиме засекогаш во џеб, меѓутоа заедно со карактерот на сите членови, тоа е и духот што му беше потребен на Filch.

Штотуку завршивте со работата на вашиот истоимен албум-првенче. Публиката досега ве знаеше кaко Онија или од други бендови, а вашите свирки се познати по позитивната енергија и разиграноста. Кои се вашите очекувања, ќе ја оправдате ли довербата на фановите?

Позитивната енергија извира сама кога се спојуваме со нашите инструменти. А од таму се пренесува на останатите. Може да кажеме дека не се ни трудиме тоа да биде така. Едноставно, се случува. Иако Filch е малку поразличен концепт од другите бендови во кои работиме и сме работеле, енергијата е иста. А за довербата на фановите – Filch не може да му се допаѓа на секој. Исто како што Даре, Злате, Тео, Бранко или Гишо не може да им се допаѓаат на сите.

Чија беше идејата да се формира бендот? Колку време работевте на новиот материјал?

Идејата за формирање на состав со авторска музика постои кај секој одамна. Прво почнувајќи како „cover“ бенд, преку различни други музички проекти, за на крај да се собереме тие што сме. Со неколку претходни инструментални мотиви од Златко, Дарко и Теодор, пред 2 години започнаа и првите проби.Од тука почнаа да се прават и нови теми, се дури не бевме подготвени за првиот албум.

Зошто токму Filch?Што треба ова уметничко алтер-его на петмина музичари да раскаже?

Едноставно, сакавме да ја сплотиме енергијата и наравот на секој од нас во еден лик. Лик кој што ќе биде тоа што е, лик на кој што не може да му се лутите ако е ваков или таков. Тој едноставно – е. Си има свои приказни, а ние едноставно – ги пренесуваме. Веруваме дека можеби некој ќе се пронајде во Filch, а ние ќе успееме да ги отсликаме тие исти импресии.
А можеби и не.

Од каде наоѓате мотив, инспирација за она што го творите?

Немаме инспирација. Filch доаѓа на состанок во понеделник и зјапа во нас се додека не склопиме некоја тема. После тоа само ја отчукуваме картицата и заминуваме.

 

Како ја оценувате алтернативната сцена во земјава, колку е тешко младите музичари да се пробијат на оваа сцена? Дури и ако се пробијат, може ли од музика да се живее?

Што значи алтернатива?Што значи да се пробиеш на сцената? Да го правиш ова овде за пари, треба да си луд. Се живее за музика. Се друго е со пола душа и срце.

Зимава претрпевте голема штета, материјална и емоционална, кога во „Макотекс“ при пожар изгоре голем дел од вашата опрема и инструменти. Сепак, таа несреќа поттикна бран на поддршка од колегите-музичари, кои преку хуманитарни свирки и други акции собраа дел од парите потребни за нови инструменти. Како сето тоа влијаеше на вас, на процесот на создавање, на желбата да се свири и надминат пречките? Влијаеше ли на раѓањето на Filch?

Исто како кога на бербер ќе му ги земеш ножичките. Или на писател перото. Но ниту берберот ќе престане со работа ниту писателот да мисли, се разбира ако навистина го сака тоа. Сакаме да им се заблагодариме на сите кои било како помогнаа во тој период. Вистински луѓе во моментот кога најмногу ни беа потребни.

Filch веќе беше роден. 4 песни од првиот албум ги снимавме токму во Макотекс, непосредно пред пожарот. Не можевме туку така да застанеме. Пожарот само малку не сецна, а потоа со заеднички сили се скрпивме и тргнавме со полн залет.

Иако ова е ваш прв албум, ве знаеме како „multitasking“ момци кои успеваат сè да направат за кратко време. Можеме ли наскоро да очекуваме и втор албум? Планирате ли концерти и гостувања?

Веќе имаме некој концепт и за вториот албум. Се разбира, останува да видиме низ што се ќе помине Filch, па ние најдобро да го пренесеме. После промоцијата во сабота, планираме уште неколку концерти низ земјава, а за понатаму ќе видиме каде ќе не однесе патот.

С.Т.