Протест за воздух пред Влада

Со транспаренти на кои пишува „Вие и вашите деца дишете друг воздух?! “ , „Сакам да дишам“, „Чист воздух – здрави деца“, граѓани организирани преку Фејсбук излегоа денеска напладне пред Владата за да го искажат својот револт од енормното загадување на воздухот.

Главниот град на Македонија зимава повеќе пати се најде на листите најазагадени градови во Европа и светот. Двапати беа активирани и итни мерки за ублажување на последиците од аерозагадувањето, додека се чекаше да дувне ветер и да го исчисти смогот.

Освен стандардните препораки за неизлегување надвор во време на аерозагадување и користење јавен превоз и еколошко греење, надлежните казнија една компанија која загадувала, депонијата Дрисла.

„Британската влада во 2000 ни подарила согорувач за медицински отпад, кој не ги задоволува ЕУ-стандардите и не дава заштита од отровите при согорувањето. Овој согорувач не ги филтрира гасовите и токсините кои предизвикуваат рак и многубројни други нарушувања“, беше напишано и во објавата за денешниот протест на Фејсбук.