Протест против загадувањето во Битола денеска од 17 часот

Иницијативата „Поинаку“ од Битола, преку Фејсбук ги повикаа граѓаните на Битола на протест поради загадениот воздух, денеска пред Општината во 17 часот.

Од иницијативата порачуваат дека воздухот е загарантирано право со Устав, и додаваат дека не е важно од која партија или вера се граѓаните, поради како што велат, „сите заедно умираме“.

„Нема да бараме конкретни мерки оти веќе се имаме побарано и оти е веќе касно оваа зима, но ќе побараме итно да се сервисира мерната станица и општината да отвори неколку пунктови и да набави заштитни маски за сите Битолчани за да не го дишиме овој отров и барем да се заштитиме“, соопштуваат од „Поинаку“.

Тие порачуваат наместо граѓаните да седат цел ден на Фејсбук и да објавуваат колку е загадено, да се соберат на протест.

„Земете ги децата, мајките, татковците, роднините, браќа, сестри и излезете прво за вашите деца, па за вас и за сите шо ги сакате, оти вака повеќе не може, не се живее, умираме“, соопштија од „Поинаку“.