Пронајдена првата кратка приказна на Хемингвеј напишана кога имал 10 години

Сто години стара тетратка во која е напишан првиот краток расказ на Ернест Хемингвеј беше случајно пронајдена во Ки Вест, скриена во стара кутија за муниција и заборавена еден век. Хемингвеј ја напишал досега непознатата приказна во 1909 година, кога имал само 10 години.

Професорите кои го изучуваат делото на Хемигвеј, Сандра Спаниер и Брустер Чемберлин ја пронашле приказната на почетокот на годинава, начкртана во училишна тетратка и сместена во архива која некогаш му припаѓала на пријателот и возач на Хемингвеј, Тоби Брус. Архивата на Брус исто така ги вклучува писмата и фотографиите од авторот на „За кого бијат камбаните“, заедно со перче од неговата коса.

Расказот долг 14 страници е напишан во форма на фиктивни писма и лажни белешки во дневник, кои раскажуваат за патување од Америка во Ирска и Шкотска. Поради тоа, лажно претпоставувале дека е неговиот дневник од детството. Но, кога Спаниер и Чемберлин сфатиле дека Хемингвеј никогаш не патувал преку Атлантскиот Океан, сфатиле дека се работи за негова приказна.

„Сметам дека ова е навистина неверојатно, вистински редок пример на пишано дело“, вели Спаниер. „Ова е прв пат да видиме како Хемигвеј пишува одржливо, имагинативно дело“.

Кратката приказна е најстарата позната фикција од авторот, чии први дела се изгубени во воз во Париз во 1922 година од неговата прва сопруга, Хедли. Куферот полн со романи можеби завршил во „изгубено-најдено“ одделот на некоја железничка станица или во продавница за антиквитети, но новооткриениот расказ дава фасцинантен поглед кон развојот на Хемигвеј како автор.

Една од приказните раскажува за сиромашно семејство во Ирска, кое чува прасе под трпезариската маса.

„Луѓето го викаат „малото другарче кое ни ја плаќа киријата““, напишал Хемингвеј.

Друга замислува дух кој го опседнал замокот Рос во Шкотска и се обидува одново да ги изгради урнатините на градбата.

„Кога доаѓа сончевата светлина, замокот се урива“, вели приказната, „и стариот О’Донахју се враќа во својот гроб“.

„Јасно е дека добро ја проучил географијата за оваа приказна“, вели Спаниер. „Се работи за интелигентно литературно дело, но е очигледно дека го измислувал. Сметам дека е многу интересно што на 10 години веќе разгледувал мапи и откривал интересни споменици“.

Проучувачите на Хемингвеј веруваат дека приказната е или домашна задача, или обид од младиот Ернест да напише дело кое ќе биде објавено во младинскиот весник Св. Николас.

Синот на Тоби Брус, Динк, моментално е сопственик на архивата, која планира да ја продаде за да биде подобро зачувана. Доколку го направи тоа, можно е наскоро во продажба да се најде расказот пишуван од младиот Хемингвеј.