Промовиран прирачник за професионална, безбедна и етичка работа на снимателите во медиумите

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) ја претстави публикацијата со наслов: „Прирачник за професионална, безбедна и етичка работа на снимателите во медиумите“. Публикацијата беше изготвена со цел да се прикажат пречките, предизвиците, но и можностите кои ги создава професијата снимател кога станува збор за медиумското известување, како и да се подигне нивото на разбирање и свесност за околностите во кои се извршува оваа професија.

Авторката Марина Тунева во своето обраќање рече дека снимателите се секогаш најдобрите извори на настанот на кој присуствуваат, и дека неретко се наоѓаат и во незавидна положба, соочувајќи се со различни потешкотии и ограничувања.

„Во фокусот на овој Прирачник е работата на снимателите од аспект на универзално прифатените етички принципи за коректно, непристрасно и објективно работење, а се прави и осврт на националната законска рамка и одредбите што директно ја засегаат оваа професија“, истакна Тунева

Од друга страна, авторката Маријана Марушиќ Кос порача дека медиумите имаат тешка задача да проценат дали информирањето за одреден настан е од јавен интерес и да обезбедат рамнотежа меѓу правото јавноста да биде информирана и правото на приватност на поединците.

„Оваа рамнотежа тешко се постигнува со директна примена на конкретна законска норма, а за да се постигне истата, потребно е богато искуство и знаење и добра проценка од страна на новинарите и снимателите, во секој поединечен случај„ истакна Марушиќ.

Според Извршниот директор на ЗНМ, Драган Секуловски изработката на овој прирачник дошла како барање и потреба на секцијата на снимателите при ЗНМ. Тој воедно се заблагодари и за придонесот на членовите на секцијата Трајче Илиевски и Славе Стојановски кои помогнаа во подготовката на оваа публикација.

Прирачник беше изготвен во рамки на проектот: „Безбедни новинари за кредибилни информации во Македонија“.