Промоција на поетската збирка „Мед и Младост“ од Гордана Михаилова Бошнаковска во КИЦ

Со читање на стихови од страна на артистите Софиа Насевска Трифуновска и Мартин Манев, на 4 октомври во Културно-информативниот центар (КИЦ), ќе биде промовирана новата поетска збирка на Гордана Михаиловска Бошнаковска, насловена „Мед и младост“.

Со почеток во 19 часот во Салон Империјал 1, промотор на поетската збирка ќе биде писателот Гоце Смилевски.

Најновата поетска збирка на Михаилова Бошнакоска, која е самиздат во соработка со издавачот „МАКАВЕЈ“, е објавена годинава, а влезе во најтесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата (СВП) за 2023.

Триесет и осумтте песни се поделени во три циклуси- Поезија, поетеси, артисти / Сцена/ и Можности и неможности, а во неа се збрани настани во траење од пет денови, кои се случуваат во време на СВП.

„Внесувајќи новини во долгогодишното поетско творештвоод над шест десетлетија, авторката заклучува дека ‘се’ е кажано’ на еден востановен поетски систем и дека е ‘дојдено време’, барем во нејзиното творештво, поезијата/песната да стане толкувач на некоја идна песна, која може и воопшто да не биде напишана“, пишува во поговорот Бранко Цветковски, писател и книжевен критичар.

Сакам, вели авторката, СВП да ги внесам во поезијата, покрај она што тие ја промовираат поезијата, како феномен кој со децениското нивно постоење се навлезени особено во творештвото на македонските писатали, така и во моето уште од самиот почеток, како најмлада учесничка.

Гордана Михаилова Бошнакоска е родена на 1 септември 1940 година во Битола. Студирала на Филолошкиот факултет Св. Кирил и Методиј во Скопје. Пишува поезија, проза, есеи за литература и уметност (сликарство и скулптура). Има објавено петнаесет збирки поезија. Наградата Браќа Миладиновци ја доби за збирката ПЛАНИНИ ОД КАРТОНСКИ КУТИИ, наградата „Ацо Шопов“ што ја доделува Друштвото на писателите на Македонија, ја доби за збирката ПЕСНА НА РИДОТ, како и наградата ,,Празник на липите“.

Застапена е во сите поетски антологии во Македонија и странство, како и во панорамски прикази. Нејините песни се преведени на бројни светски јазици. Носителка е на признанието Витез на пишаниот збор како и на највисокото признание на ДПМ – „Книжевен жезол“ за целокупно творештво.

Настанот е дел од културната понуда на Град Скопје Европска престолнина на културата 2028.