На 15 јануари 2015 година (четврток), со почеток во 19 часот, во ГЕМ клубот во Стара чаршија, Фондацијата Отворено општество – Македонија ќе ја промовира книгата „Вeрни до смрт: довербата и теророт во револуционерна Македонија“ од Кит Браун.
Книгата претставува предизвик за откривање на работата на Македонската револуционерна организација, од историска дистанца поголема од еден век. Кит Браун се сосредоточува на општествените и културните механизми на лојалноста за да ги опише патиштата на доверба и терор – мрежи на тајното комуницирање и врски на солидарноста – кои ги поврзувале печалбарите, селаните од зафрлените села и нивните лидери во една заедничка кауза и организација која имала своја терминологија и хиерархија, но и моќ да решава за животот и смртта на членовите кои ѝ се заколнале на верност.
Книгата ќе ја промовираат Драги Ѓорѓиев, директор на Институтот за национална историја, и Ирена Стефоска, професор на Институтот за национална историја. Гостин ќе биде и авторот Кит Браун, професор на Институтот Томас Х. Вотсон при Универзитет Браун во САД.
Модератор на промоцијата, по која ќе следи и дебата со присутните, ќе биде Билјана Бејкова.