Промоција на книгата „Писмо.doсx“ и изложба на книжевните илустрации

Промоција на книгата, како и изложба на илустрациите од „Писмо.docx“ ќе се одржи во Куманово на 10 ноември.

Во „Уметничка галерија“, со почеток во 20 часот, ќе се претстави книгата која е соработка меѓу двајца уметници Ана Јовановска и Бранислав Лукиќ – Лука, во издание на „Антолог“.

Секој од уметниците комуницира на својот мајчин јазик, па илустрираната кореспонденција на уметниците се одвива на македонски, со кирилично писмо и на босански со латинско писмо.

„Покрај текстуалниот дел во облик на е-писмо, пишуван во прво лице, наизменично со структура прашање-одговор, во книгата се наоѓаат и репродукции во боја на наменските илустрации на двата автора, соодветно поставни до текстот што го илустрираат. Ана и Лука имаат свој специфичен стил на пишување и негово препознатливо визуализирање“, објаснува авторката Ана Јовановска.

Таа додава дека делото претставува еден некуриран дел од секојдневниот живот на две сосема различни индивидуи по род, пол, возраст, потекло, култура, националност, религија и убедување, но ги поврзува желбата за комуникација и споделување.