Промоција на фотомонографијата „Огледало во Македонија“ од Нил Фолберг

Фотомонографијата „Огледало во Македонија“ од Нил Фолберг ќе биде промовирана на 19 јуни (понеделник), со почеток во 19 часот, во Галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје.

Станува збор за етнографска фоторепортажа за Македонија лоцирана во седумдесеттите години од минатиот век.

„Фотографот Фолберг, кој живее и работи во Израел, пред присутните на промоцијата во МКЦ, ќе ги претстави фотографиите што ги снимил пред повеќе од 50 години во Скопје“, информираат од издавачката куќа „Арс Ламина“.

Промоцијата ќе се одвива на македонски јазик со посредство на консекутивен преведувач од англиски јазик при излагањето на Фолберг. Промотор на книгата ќе биде професорката Илина Јакимовска од Институтот за етнологија и антропологија при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а модератор – Бисера Бендевска, уредничка во „Арс Ламина“.

„Привлечен од Македонија и од нејзината динамична фолклорна култура, во 1971 година Нил Фолберг добива стипендија од Универзитетот на Калифорнија во Беркли за да помине пет месеци фотографирајќи ја земјата и луѓето во оваа нерамна, планинска земја, во тоа време дел од Југославија. Полицијата и службите за државна безбедност ја комплицираат задачата на Фолберг. Во својот есеј, Фолберг пишува за неговата работа, за социјалниот и уметничкиот контекст и за неговите разговори со мајсторите покрај кои студирал, фотографите Ансел Адамс и Вилијам Гарнет“, се вели во најавата.

Фолберг има објавено и други книги, меѓу кои се „И јас ќе живеам меѓу нив“ (And I Shall Dwell Among Them) и „Небесни ноќи“ (Celestial Nights). Неговите фотографии се изложувани во музеи и галерии низ целиот свет, а неговите принтови се наоѓаат во големи музејски колекции.