Проекција на играно-експерименталниот филм „Писма до Пол Морисеј“ во Кинотека

Во Кинотека на Македонија на 10, 16 и 18 март ќе се прикажува шпанскиот играно-експериментален филм „Писма до Пол Морисеј“ во режија и сценарио на Арманд Ровира и Саида Бензал.

Синопсисот на филмот вели: Неколку видео писма од различни делови на Земјата испратени до Пол Морисеј, авторот на „треш културата“ и соработник на поп-арт кралот Енди Ворхол и бендот „Велвет андерграунд“. Сите писма имаат заедничка нишка – посвета на Пол Морисеј како авангардна филмска фигура.

„Првото писмо е за Удо Штраус (Удо Кир / Udo Kier), авторот на писмото за Берлин од 70-тите години од минатиот век кое претставува крик против ситуацијата во која ‘капитализмот’ ја уништува хуманоста, форсирајќи ја трката по пари. Во второто писмо учествува Џо Далесандро, најважниот машки секс-симбол во 60-тите и 70-тите години и актер во филмовите на Ворхол и Морисеј. Третото писмо е на Олена Вуд, во спомен на Нико (од кругот на ‘Велвет Андерграунд’) и девојките од Челзи. Последните две писма се од актерки кои биле деца за време на најголемиот успех на Морисеј: Саида Бензал, режисерка и сценаристка и Хирока Танака, девојка со необично пореметување на слухот, која сепак компонирала песни.Кога звукот станувал неподносливо болен за неа, таа ја надминувала ситуацијата на различни начини, а еден бил пишување писма до Морисеј…“, се вели во најавата за филмот.

На 10 и 18 март „Писма до Пол Морисеј“ ќе биде проектиран од 18 часот, додека на 16 март од 20 часот во Кинотека на Македонија.

Возрасна категорија за филмот е 14 години.