Признанија за тинејџерите кои спасија човек во ЈСП

 

13-годишниците Петар Тодоровски, Ведран Лауренчиќ и Мила Кочевска, кои пред два дена спасија патник во автобус на ЈСП на кој му се слошило и колабирал за време на возењето, добија признанија од Општина Центар.

Трите тинејџери се враќале од натпревар по прва помош кога се случил настанот во автобусот со број 57. Откако забележале дека на еден од патниците не му е добро, му кажале на возачот да запре и со помош на дел од возрасните го извадиле надвор од автобусот. Применувајќи го своето знаење, спречиле човекот да го голтне јазикот и му ја преврзале главата од каде крварел, по што пристигнало амбулантно возило кое го однело повредениот на скопските клиники.

„Не се знае кога ќе ви притреба да помогнете некому, а можеби и да спасите човечки живот. Најважно е да не се паничи, да се остане присебен, но и да се знае што е најважно да се направи при вакви случаи“, рекол  Лауренчиќ.

Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, им се заблагодарил на тројцата ученици во ОУ „Кочо Рацин“ за нивната храброст и пожртвуваност.

„Особено сум горд што имам можност да им изразам почит и признание на нашите херои кои вчера помогнаа да се спаси еден човечки живот. Тие треба да бидат пример за сите деца, а и за нас возрасните“, рекол Богдановиќ.