Претстава за поттик на меѓуетничка соработка на младите вечерва во Куманово

Театарската претстава „Аудиција“, творба на млади од Куманово чија цел е да го покажат секојдневието на младите луѓе од сите етнички припадности во Македонија, премиерно ќе се игра денес (19 ноември) во Театар Куманово“ со почеток во 20:00 часот.

Претставата е резултат на интеркултурна театарска програма која има за цел активно вклучување на младите од различни заедници, и чијашто подготовка претставувала подолг процес каде преку работилници за театар се работеше на меѓукултурно учење и тимска работа, користејќи методи на неформалното образование.
Режисер на театарската претстава е Кети Дончевска – Илиќ, а кореографијата ја изготвила Сања Русеска.

Претставата е дел од активностите на проектот „КУ ТЕНДА“ – Приказни, Фотографии и Звуци во движење [Живи сеќавања во југоисточна Европа] реализиран од страна на Центар за интеркултурен дијалог,  а кофинансиран преку програмата Креативна Европа – Култура на Европската унија, кој има за цел запознавање на младите со влашката култура во Македонија. Покрај театарската претстава во самиот проект, до сега се имаат одржано и креативни работилници каде ученици од основните училишта од Куманово преку креативни методи, креираат мотиви кои се поврзани со влашката култура во Македонија.

По премиерното прикажување во Куманово на 19-ти и реприза на 20-ти ноември , претставата ќе се одигра и во Крушево, Битола и Скопје во текот на оваа и наредната година.  Освен тоа, претставата ќе остува и во Романија, каде целосно ќе биде преведена на влашки јазик.