Премиера на преставата „Хамлет машина“ во МКЦ

Во продукција на Театар Фабрика, утре (19 мај) во Младински Културен Центар (Кино Фросина) ќе се случи премиерата на претставата „Хамлет машина“ од Хајнер Милер во режија на Дамјан Читкушев.

Претставата претставува дел од програмата на Театар Фабрика кој овозможува лабораториски процеси и надминување на конвенционалните театарски стандарди. Читкушев создава авторска претстава врз основа на текстот на Хајнер Милер и зборува за катастрофата на светот, театарот, уметникот и можноста да останеме невини.

Во претставата ликот на актерот што бил Хамлет ја истражува одговорноста на уметникот. Современиот Хамлет е израз преку кој се влегува во војна со бесмисленоста на нашата сегашност и преку неа на нашата уметност. Хајнер Милер го напишал текстот во специфичен период од европската историја, кога таа е нестабилна по воените конфликти.  Претставата го користи сонот во кој се играат изобличените желби на либидото и во онирична атмосфера го предизвикуваат трошењето на личноста. Хамлет сака да биде машина, раце да дофатат, нозе да одат, без болка, без мисли.

Во претставата играат Стефан Вујисиќ, Дритон Вејсели, Благица Димитровска, Елизабета Стефановска и
Моника Ставревска. Почетокот е во 20 часот.

Театар Фабрика е независен театар кој овозможува преиспитување и создавање на вистински театарски вредности, експериментален пристап и постојана надградба на професионалните капацитети на театарски уметници вклучени во креативните процеси.