Предавање за панкот и југословенската ЛГБТКИА+ заедница во Словенија во МСУ

Отвореното предавање „Панкот и поранешната југословенска ЛГБТКИА+ заедница во Словенија и пошироко: Распетлување на сексот и политиката во расниот капитализам“, со теоретичарката Марина Гржиниќ, ќе се одржи на 4 јуни, недела, во Музејот на современата уметност (МСУ).

Со почеток во 13 часот, предавањето е во рамки на единаесеттото издание на Викендот на гордоста Скопје, чиј тематски фокус оваа година е „КВИР-ХРОНОПОЛИТИКИ: Историја, афекти, утопии“.

Организаторите „Коалиција Маргини“ посочуваат дека Гржиниќ преку предавањето ја испитува идејата за повторно разгледување на архивата што ги обработува панкот и поранешната југословенска ЛГБТКИА+ заедница во Словенија и пошироко.

„Таа го мапира потеклото на оваа идеја во преодот од студениот социјализам на осумдесеттите години од 20 век, кога музичката група ‘Боргезија’ го објавува деби-албумот ‘Љубовта е постудена од смртта’ (Ljubav je hladnija od smrti) во зимата 1983-84 година, и сегашниот период кој Седрик Џеј Робинсон во неговото капитално дело од 1983 година, ‘Црнечки марксизам: Создавањето на радикалната црнечка традиција’ го нарекува ‘расен капитализам’“, посочуваат оттаму.

1984 ŠKUC-Forum magazine, Newspaper special issue VIKS Homosexuality in culture

Марина Гржиниќ е философка, теоретичарка и уметница која живее во Љубљана, Словенија. Од 1983 година е вработена во Филозофскиот институт при Научниот и истражувачки центар на Словенечката академија на науките и уметностите (ЗРЦ САЗУ). Од 2003 година е редовен професор на Академијата за ликовни уметности во Виена, Австрија.

Теоретските дела на Гржиниќ ја обработуваат современата постмодернистичка филозофија и естетика. Нејзините дела се насочени кон теорија на идеологија, теорија на технологија, биополитика/некрополитика, видеотехнологија и трансфеминизам споено со политичките цели на деколонизацијата.

Во нејзините дела се вбројуваат: “New Feminism: Worlds of Feminism“, “Queer and Networking Conditions“, “Necropolitics, Racialization, and Global Capitalism“: “Historicization of Biopolitics and Forensics of Politics, Art, and Life“ и “Border Thinking: Disassembling Histories of Racialized Violence“ (edited, 2018).