Повик за волонтери кои ќе ја истражуваат корупцијата со која се соочуваат жените на работно место

Режисерката Драгана Гунин бара тим волонтери кои ќе бидат вклучени во истражување насловено „Корупцијата кај жени на работно место“. Станува збор за продолжение на проектот на кој таа работи повеќе од една година, а кој истражува случаи на сексуално вознемирување кај студентки и студенти.

„Корупција на работно место” има за цел да ги истражи формите на корупција со кои се соочуваат жените при барање на работа а понатаму и на самото работно место. Овој проект настанува како продолжение на искуствата на студентки со сексуални вознемирувања и уценувања на факултети. Се посветува највеќе внимание на ваквото вознемирување познато под името sextortion . Секако, искуствата на мажи и преку други форми на корупција не се исклучени“, објаснува Гунин.

Во новата фаза на проектот, се потребни волонтери и учесници на тренинг кој вклучува креирање аудио приказни, претстава/перформанс и документарен филм. Доколку имаат желба, може да учествуваат и во следните две етапи на проектот, посочува Гунин.

„Покрај вистински сведоштва имаме за цел да создадеме и простор за поддршка на оние кои веќе поминуваат низ ваков процес. Пријавените треба да се повозрасни од 22 години, а во пријавата покрај биографија треба да испратат и кратко мотивационо писмо зошто би сакале да бидат дел од проектот“, вели режисерката.

Сепак, Гунин напоменува дека темите и приказните се чувствителни и тешки за слушање, па затоа таа предлага да се пријават најзаинтересираните и оние што мислат дека би можеле да останат вклучени до крај.

Обуките и целото истражување ќе бидат под нејзино водство. Тренингот ќе трае 5 – 7 дена, онлајн, и ќе започне крајот на јануари а истражувањето во февруари.

Пријавувањето за учество во истражувањето трае до полноќ на 24-ти јануари со испраќање на биографија и мотивационо писмо на activismartistic@gmail.com