„Последните камбани“ со награда на Светскиот филмски фестивал во Монтреал

Краткометражниот филм „Последните камбани“ ја освои првата награда за кратки филмови на 41. Светскиот филмски фестивал во Монтреал, Канада, кој се одржа од 24ти август до 4ти септември. Во конкуренција за наградата беа прикажани околу четириесет кратки филмови од целиот свет, но жирито одлучи да ја додели токму на единствениот македонски претставник.

Филмот е работен по сценарио и во режија на Никола Поповски, а актерот Мето Јовановски ја игра главната улога.

„Пред десет дена сметав дека да се учествува на фестивал од калибарот на оној во Монтреал претставува и чест, и одговорност. Но, да се победи на истиот, и тоа при првото фестивалско учество на филмот, тоа е веќе признание за сите кои го овозможија неговото создавање. Мето Јовановски уште на почетокот ми даде до знаење дека во сценариото го препознал потенцијалот за таа идеја да биде општо прифатена и препознаена“, вели режисерот Поповски.

Продуцентот Гоце Кралевски додава дека по успехот и наградата во Монтреал, „Последните камбани“ продолжува со фестивалско прикажување во официјална конкуренција на фестивалот за краток филм во Драма, Грција.

„Се надевам дека покрај визуелните наративни квалитети, и наградата на фестивалот во Монтреал ќе ги отвори вратите за многу нови фестивалски учества и достојна промоција на „Последните камбани““, рече Кралевски.

„Последните камбани“ е остварување кое говори за осаменоста и соочувањето со неа и ја носи приказната за еден старец (Јовановски), кој преку камбаната комуницира со неговиот пријател од соседното село.

Директор на фотографија е Фејми Даут, а актерската екипа ја сочинуваат и Сања Николовска Најдовска и Виктор Најдовски. Сценографијата е на Никола Анѓелковски, музиката на Дарко Спасовски – Пацки и на Горан Кан, шминката е на Наталија Кајевска, а костимите ги направи Ирена Боневска. Продукцијата на „Последните камбани“ е на „ДНФ филмс“, а остварувањето е поддржано од агенцијата за филм на Република Македонија