Поради дискриминацијата Ромите често последни влегуваат во ординациите

Авансно плаќање здравствена услуга, задржување во болница по медицинска помош, како и одбивање на пациенти бидејќи биле небањати или нечисти се само дел од примерите на дискриминација кај пациенти Роми во македонското здравство посочени на дебатата „Пред законот Ромите се исти, во здравствената пракса се дискриминирани“, која денес ја организираа од Фондацијата за дебата и едукација ИДЕА Југоисточна Европа.

Љатифе Шиковска, од невладината „Амбрела“, која работи како ромски здравствен медијатор, вели дека најдискриминирани се бездомните ромски семејства и лицата без лична документација. Таа додава дека иако постои напредок во оваа област, треба да се работи уште многу за промена на наративот за еднаков третман и пристап до квалитетна здравствена услуга, додавајќи дека и понатаму продолжува праксата на наплаќање бесплатни прегледи од матичните лекари и гинеколози на ромските пациенти.

„Како здравствен медијатор директно можам да видам што се прави во одредени здравствени институции, клиники, амбуланти. Пред сè третманот на Ромите не е ист како кон останатите, не се посветува доволно внимание на нив кога се внатре во ординациите и секако, кога чекаат, треба сите да поминат па на крај да влезат Ромите“, вели Шиковска.

На дебатата како дел од проблемите беа споменати и неефикасниот систем за санкционирање на дискриминацијата, како и недоволната информираност и свесност на дел од ромската заедница.

Јована Јовановска Кануркова, од Хелсиншкиот комитет за човекови права, напомена дека при фокус групите кои ги правеле со Ромите за нивни искуства во здравствениот систем и покрај јасните примери на дискриминација во третманот кој врз нив го правеле одредени медицински лица, тие тоа го препознавале како вообичаено однесување меѓу пациент и медицинско лице.

„Ромите во Македонија се системски дискриминирани. Тие најмногу се потпираат на невладините организации и тоа се покажа во изминативе години. Немаат доверба во државата. Поради тоа сметам дека власта треба активно да се вклучи во креирање и измена на политиките со кои ќе им се обезбеди поеднаков третман и пристап до здравствената заштита“, изјави Јовановска Кануркова.

Според неа проблематично е и тоа што при креирањето здравствена регулатива не се земаат во предвид социјалните потреби на Ромите, нивната состојба со образованието, домувањето, вработувањето, или со тоа дека тие користат различни додатоци како социјална помош. Според анализите од Хелсиншки, за подобрување на ситуацијата треба да продолжи праксата на здравствени медијатори кои имаат добар ефект, обуките за здравствените работници за еднаков третман на пациентите и зголемување на буџетските ставки кои се однесуваат на Ромите.

Според истражување на УНИЦЕФ од 2016 година за пристапот до здравствена заштита, девет проценти од ромските семејства немаат никакво здравствено осигурување. Едно од решенијата, како што објасни Данче Гудева Никовска, од канцеларијата на УНИЦЕФ, е зајакнување на капацитетите на ромските здравствени медијатори кои би ги пренесувале знаењата на ромската заедница. Во моментов такви медијатори има само десет, а и тие се соочуваат со нерегулиран статус и кога некој од нив ќе се откаже од ангажманот, нема кој да го замени.

Гинекологот Владимир Трајковски, кој подолг период врши бесплатни гинеколошки прегледи во амбулантата во Шуто Оризари, изрази надеж дека проектот ќе доведе до позитивни промени.

„Треба да се случи едно глобално будење на свеста на сите нас, кон сите нас. Не би се фокусирал кон одредена заедница. Мислам дека треба да се свртиме кон нас луѓето“, рече тој на дебатата.

Од ИДЕА информираа дека со проектот се предвидени две јавни дебати, серијал од кратки видеа и едукативни постери за подигање на видливоста на организациите кои работат на промената на негативните наративи кон Ромите во здравството.

Даниел Евросимоски