Поплаки има, пријави нема за зголемени цени поради коронавирусот

По вчерашната прес-конференција на која министерот за здравство Венко Филипче ја информираше јавноста дека е регистриран првиот случај на коронавирус во државава, граѓаните покрај тоа што панично поитаа да купат залихи, на социјалните мрежи реагираа и за зголемени цени на производите, пред се на хируршките маски.

Во време кога рафтовите на продавниците забрзано се празнат, а аптеките се полни со загрижени граѓани, Радио МОФ ги контактираше надлежните за тоа дали има пријави од потрошувачи за овој проблем, и колку цените смеат да поскапат.

 

 

 

Од Организацијата на потрошувачи и Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) велат дека немаат регистрирано пријави од граѓаните. Радио МОФ се обиде да добие одговор од повеќе места за тоа дали смеат да се менуваат цените на производите во време на општ страв од коронавирусот.

Од Организацијата на потрошувачи на Македонија велат дека се невладина организација и советодавно тело. Единствениот совет кој го добивме од нив е да побараме одговор од Агенцијата за храна и ветеринарство и Државниот пазарен инспекторат. Од Агенцијата за храна велат дека немаат никакви ингеренции врз цените на производите.

По инсистирањето на Радио МОФ за одговор, од Државниот пазарен инспекторат нѐ примија на кратко, со образложение дека имаат премногу работа. Единствено го посочија членот 12 од Законот за заштита на потрошувачите. Велат, дека според него трговецот не може да промени цена на еден производ, доколку истиот производ не ја применувал 30 дена пред пласирање на продуктот. Сепак, не ни посочија дека членот 12 од овој закон се однесува исклучиво на распродажбите.

Радио МОФ го пролиста Законот за заштита на потрошувачи. Таму постои посебен дел, од Членот 31-а до Членот 31-ѓ, во кој се опишуваат дејствата на нечесно, измамничко и агресивно пазарно однесување.

Во Членот 31-д, на пример, за пазарно однесување кое употребува вознемирување, притисок или прекумерно влијание, се зема предвид кога „трговецот користи ситуација на несреќен случај или околности со таква тежина кога е намалена моќта на расудување на потрошувачот, а трговецот е свесен за тоа, а заради влијание на неговата одлука во врска со производот и услугата“.

Деновиве пак, како што пренесува хрватска „Хина“, во Италија, каде досега има регистрирано 528 случаи на пациенти заразени со коронавирусот, тамошните власти отвориле истрага за огромните цени на хигиенските маски и дезинфекциските средства на интернет.

М.К.