Помор на риби во велешка Тополка, времена забрана за работа на сепарација

Државиот инспекторат за животна средина вчера на вливот на реката Тополка во Вардар забележал незначителна количина угинати риби и заматеност на водата со белузлава боја. Поради тоа  издадена е привремена усна наредба за престанок на работа на сепарацијата во тој дел на Велес, до добивање на резултатите од испитувањето на водата.

Пријавата за поморот на риби е направена од полицијата во Велес, по што бил  извршен вонреден надзор од населба Превалец до вливот на реката Тополка во Вардар, во Велес.

„На лице место во 14 часот е констатирано дека на вливот на р.Тополка е забележана незначителна количина на угинати риби, како и заматеност на водата со белузлава боја. Исто така е направен надзор на речното корито под правниот субјект Каменолом и Варница Превалец-Технопавер, Скопје, при што е констатирано дека над мостот на населбата Превалец е чиста водата нема заматеност и нема угинати риби. Под испустот на отпадната вода од правниот субјект не е забележана угината риба во должина од 500 метри. Во присуство на Инспекторот, стручно лице-лаборант од Центарот за Јавно Здравје-Велес зема мостра од водата и истата е процесуирана за испитување“, стои во соопштението на ДИЖС.

Издадена е привремена усна наредба за престанок на работа на сепарацијата до добивање на резултатите од испитувањето на водата. По добивањето на резултатите е најавено преземање понатамошни инспекциски мерки.