Половина од Американците се информираат од социјалните мрежи, покажува ново истражување

Истражување на „Pew Research“ покажува дека скоро една третина од возрасните Американци континуирано се информираат од „Фејсбук“, пренесува „ТechCrunch“. Истражувањето забележува благ пад, односно, во 2020 година 36 отсто од Американците се информирале преку „Фејсбук“, додека во 2021 година процентот изнесува 31 отсто.

Се смета дека ваквата промена доаѓа во време кога технолошките компании се соочуваат со големи критики бидејќи не ги регулираат дезинформациите кои се споделуваат на нивните платформи. Критиките се зголемија за време на пандемијата, бидејќи неконтролираните дезинформации придонесоа до невакцинирање, а со тоа и влошување на здравствената состојба на Американците кои се подложни на дезинформациите.

И покрај ваквите проблеми, процентот на Американци кои континуирано се информираат од различни социјални мрежи не е променет, со што се покажува колку социјалните мрежи се дел од новото секојдневие на луѓето.

Освен третината на возрасни Американци кои се информираат на „Фејзбук“, 22 отсто од испитаниците одговориле дека вестите редовно ги добиваат од „Јутјуб“. 13 отсто од лицата како главна платформа за информирање го одбрале „Инстаграм“, додека 11 отсто го одбрале „Твитер“.

Моментално 55 отсто од корисниците на „Твитер“ велат дека се информираат преку платформата, иако минатата година процентот бил 59 отсто. Во меѓувреме, за 4 отсто паднал и процентот на корисниците на „Редит“, кои се информирале преку познатата форум платформа. Единствена нова социјална мрежа која испитаниците ја користеле за информирање е „ТикТок“.

Додека белите возрасни Американци највеќе се информираат од „Фејсбук“ и „Редит“, односно 60 отсто преку „Фејзбук“, а 54 отсто од „Редит“, 20 отсто од возрасните Афроамериканци и  33 отсто од Шпанците највеќе го користат „Инстаграм“.

Тинејџерите највеќе се информираат од „Снепчет“ и „ТикТок“, додека младите со факултетско образование највеќе се информираат од „Линкдин“.

Истражувањето забележува дека испитаниците нецелосно ги разбирале последиците од информирање преку социјалните мрежи, каде насловите и објавите најчесто се напишани за да ги разгорат читателите, со цел тие да бидат почитани, покоментирани и посподелувани. Според истражувањето, испитаниците не знаеле клучни факти за најголемите теми како американските парламентарни избори и пандемијата од Ковид-19. Оттаму, тие биле поподложни на теории на заговор и дезинформации.

На истражувањето учествувале 11.178 испитаници.