Мета се закани дека ќе ги отстрани американските новински содржини од Фејсбук доколку се усвои нов закон

Компанијата Мета, под чија сопственост се социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм, се закани дека ќе ги отстрани новинските содржини од Фејсбук во САД.

Тоа е нивниот одговор на нов закон со кој би им била дадена многу поголема моќ на медиумските организации да преговараат за надоместоци за споделување на нивни содржини на Фејсбук.

Сличен закон, кој беше усвоен во Австралија, водеше кон тоа вестите на Фејсбук на кратко време да бидат суспендирани од платформата минатата година.

Мета тврди дека нивната платформа всушност обезбедува поголем сообраќај на медиумите кои се соочуваат со економски проблеми. Според нив, медиумите ги ставаат содржините на Фејсбук бидејќи тоа им носело придобивки.

Законот познат под името „JCPA“ (Закон за новинарска конкурентност и заштита) беше предложен до Конгресот од сенаторката Ејми Клобушар и има поддршка од двете доминантни партии. Со него на медиумите би им се овозможиле поголеми овластувања за колективно преговарање со социјалните медиуми за поголем дел од приходите од реклами.

Медиумските компании тврдат дека Мета генерира огромни суми пари од новинските содржини кои се споделуваат на нејзината платформа. Ова особено ги погодува локалните медиуми, кои во пандемијата се соочуваа со голем број финансиски проблеми, додека Мета остваруваше огромни профити.

Сепак, од Мета велат дека наративот е погрешен. Според нив, токму социјалните мрежи се двигатели на сообраќај кај медиумите.

„Доколку Конгресот го усвои овој непромислен новинарски закон како дел од легислативата за национална безбедност, ние ќе бидеме принудени да размислиме за целосно отстранување на вестите од нашата платформа“, изјавила портпаролката на Мета, Енди Стоун.

Од Мета исто така тврдат дека споделувањето вести на Фејсбук профилите сочинува само мал дел од нивните приходи.

Во март 2021 година, по сличен закон во Австралија, Фејсбук целосно ги блокираше вестите на нивната платформа во земјата. Компанијата брзо ја промени оваа нивна одлука и постигна спогодба со австралиската Влада, по широки критики од јавноста.

Последниот предлог закон е дел од поголем сет на закони со кои американските законодавци сакаат да ја ограничат доминацијата на големите технолошки компании.

Поддржувачите на „JCPA“ велат дека доколку не се донесе овој закон, социјалните мрежи во САД ќе станат „де факто локален весник“.