Пола Скопје ќе биде без вода или притисок поради голем дефект во мрежата

ЈП Водовод и канализација – Скопје соопшти дека како разултат на голем дефект на бул. Кочо Рацин, спроти Олимписки базен, голем дел од корисниците од град Скопје ќе имаат прекинато водоснадување или намален притисок.

Станува збор за дефект на ф500мм за чие санирање има потреба да се затвори цевка од ф1400мм, а со тоа голем дел од град Скопје ќе има прекин на водоснабдувањето, односно населбите: Центар, Аеродром, Кисела Вода, Лисиче, Ново Лисиче, Припор, Сопиште, Ракотинци, Добри Дол, Драчево, Пинтија, Моране и Студеничани.

Имајќи ја предвид природата на дефектот, кој е од големи размери, известуваме дека ЈП Водовод и канализација – Скопје во соработка со ЈП Комунална хигиена најави дека обезбедиле цистерни со техничка вода кои ќе циркулираат во овие делови на градот. За локациите на цистерните, граѓаните треба да се обратат до Дежурно Информативниот Центар на телефонскиот број 02 3073 010.

„Замолуваме за трпение и повикуваме на разбирање од страна на граѓаните во овие делови на град Скопје. Воедно уверуваме дека тимовите на ЈП Водовод и канализација – Скопје, непрекинато ќе работат со цел брзо отстранување на дефектот и нормализирање на водоснадувањето“, велат од претпријатието.