Под мотото „Храбри нови зборови“ на 3 октомври започнува „Букстар 2022“

Под мотото „Храбри нови зборови“ од 3 до 5 октоври во Скопје ќе се одржи осмото издание на „Букстар“ – фестивалот на европската литература , кој е организиран од страна на Издавачката куќа „Антолог“.

Европски и домашни гости, десетина книжевни разговори, подкасти, работилница за раскажување приказни, книжевни читања и предавања се само дел од фестивалската програма во чии рамки се доделува наградата „Bookstar“ за најактуелна книга меѓу две фестивалски изданија. Oваа година наградата ќе биде доделена на нобеловката Светлана Алексиевич.

Организаторите истакнуваат дека од оваа година за време на книжевниот фестивал ќе се воведе и Награда за најдобар превод – „Драги“, во чест на Драги Михајловски со што би се дало прилог кон овековечувањето на животот и делото на Драги Михајловски, а истовремено, би се поставил и нов стандард во вреднувањето на преведувачката дејност.

„BookStar ќе започне на 3 октомври со претфестивалски настан – видео разговор со авторот Саша Станишиќ на тема ‘За потеклата и случајностите што (не) постојат’ во 15 часот, во Кино ‘Фросина’, а во 19 и 30 часот фестивалот и официјално ќе биде отворен од поетот, есеист и преведувач Никола Маџиров со испраќање на својата книжевна порака до гостите. Веднаш потоа, на сцената ќе се појави исландската трилер писателка Ирса Сигурдардотир која ќе земе учество во книжевен разговор со Јордан Коцевски и Александар Маџаровски“, велат од „Антолог“.

Првиот фестивалски ден ќе се заокружи со разговорот „Нова бугарска книжевност“ помеѓу современите бугарски автори Оља Стојанова Џакова и Петар Денчев, а модератори на настанот ќе бидат Владимир Јанковски, добитник на наградата Роман на годината 2020 и Душко Крстевски, преведувач од бугарски јазик.

Главната програма на втората фестивалска вечер, на 4 октомври, ќе започне во 19 часот со разговор со авторите добитници на Европската награда за литература – Даина Ополскаите (Литванија), Петар Андоновски (Македонија), Владимир Јанковски (Македонија), а модератори ќе бидат Билјана Црвенковска и Александар Маџаровски, кои ќе разговараат за „Наградата за литература на Европската Унија: Националниот наспроти меѓународниот книжевен контекст“.

Во 20 часот, фестивалот ќе продолжи со настанот „V+V=W“ – разговор со хрватскиот автор Игор Штикс, а модератор на настанот ќе биде  театрологот Јелена Лужина.

Во 21 часот на сцената ќе бидат авторката на книгата „Гитара од палисандер,  Кристина Гавран (Хрватска) и Богдан-Александару Станеску (Романија), писател и преведувач на  на романски јазик. Заедно со нив ќе настапат и модераторите на настанот Билјана Црвенковска и Александар Маџаровски, а ќе се разговара за „Историјата како приказна, приказната како историја“.

До проекција на филмот „Петтиот брод“ (2017) во режија на Ивета Грофова, во 18 часот ќе се отвори последната фестивалска вечер. Од „Антолог“ посочуваат дека филмот е снимен според дело на Моника Компаникова, гостинка на BookStar.

„Веднаш потоа, од 19 и 30 часот, е закажан разговорот ‘Секое несреќно семејство е несреќно на свој начин’ со авторките Надја Теранова (Италија) и Моника Компаникова (Словачка), а модератори ќе бидат Билјана Црвенковска и Александар Маџаровски. И двете авторки напишале два семејни романи кои уште еднаш ја докажуваат тезата дека иако семејниот роман е еден од најчесто користените под-жанрови во литературата, тој никогаш нема да ги исцрпи своите капацитети“, велат од „Антолог“.

Кон крајот на последниот фестивалски ден ќе се додели „Драги“ – Наградата за најдобар превод, како и Наградата „Bookstar“, која ќе биде доделена на Светлана Алексиевич за нејзината книга „Војната нема женско лице“.

Видео разговор со авторката ќе водат Андреј Јованчевски, преведувач од руски јазик и професорката Лидија Танушевска.

За време на фестивалот ќе бидат организирани и споредни настани како работилницата „Раскажи ја приказната за себе“ со писателката Гавран, предавање за активистичка литература со Игор Штикс, книжевното читате „Храбри нови зборови“ на кое ќе учествуваат домашни и странски автори, како и осми саем на европска литература.

„На 4 октомври во 14 часот во Џебно кино во МКЦ,  на креативна работилница со писателката Кристина Гавран – STORYTELLING: РАСКАЖИ ЈА ПРИКАЗНА ЗА СЕБЕ,  ќе се истражува низ сопствените сеќавања, ќе се создаваат приказни од хаосот на нашето секојдневие и ќе се раскажуваат вистински животни настани. Работилницата е со претходно пријавување, а бројот на учесници е ограничен“, велат од Антолог.

На 5 октоври во 16 часот писателот Игор Штикс ќе одржи предавање на тема „Активистичка литература“. Предавањето ќе се одржи во КСП Центар – Јадро, а авторот ќе  зборува за комплицираниот, комплексен и ризичен однос помеѓу уметникот и општествениот и политички ангажман, тргнувајќи пред сè од сопственото искуство.

На книжевното читање „Храбри нови зборови“ кое ќе се одржи на 5 октомври со почеток во 12 часот во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје, ќе настапат осум европски и осум македонски автори.

Извадоци од своите дела на оргинален јазик ќе прочитаат  Ирса Сигурдардотир (Исланд), Петар Денчев (Бугарија), Богдан-Александар Станеску (Романија), Кристина Гавран (Хрватска), Оља Стојанова Џакова (Бугарија), Игор Штикс (Хрватска), Даина Ополскаите (Литванија), Надја Теранова (Италија), Моника Компаникова (Словачка), а настанот ќе го модерира Ана Голејшка Џикова.

Извадоци од своите дела на македонски јазик ќе прочитаат Јордан Коцевски, Снежана Стојчевска, Билјана Црвенковска, Петар Андоновски, Елена Филиповска, Владимир Јанковски, Елизабета Баковска и Жарко Кујунџиски.