Почина македонскиот академик и поет Матеја Матевски

Ноќеска во Скопје, по кратко боледување, почина академикот и поет Матеја Матевски, на 89- годишна возраст.

Матеја Матевски е роден во Истанбул, 1929 година. Детството го поминал во Гостивар, а студирал во Белград и Скопје, каде завршил Филозофски факултет. Прво работел како наставник по македонски јазик, а потоа како новинар во Радио Скопје. Бил генерален директор на Радио-телевизија – Скопје.

Од 1956 година е член на Друштвото на писателите на Македонија и одреден период ја вршел функцијата негов претседател. Матевски е член на МАНУ, каде во периодот 2001 – 2004 година ја вршел и претседателската функција.

Во 2011, на јубилејните 50 Струшки вечери на поезијата го доби „Златниот венец“ за целокупниот поетски опус.

Ги напишал збирките песни: „Дождови“(1956), „Рамноденица“(1963), „Перуника“(1976), „Круг“(1977), „Липа“(1980), „Раѓање на трагедијата“(1985), „Оддалечување“ (1990), „Црна кула“ (1992), „Завевање“ (1996), „Мртвица“ (1999), „Внатрешен предел“ (2000), ИЗБОР ПЕСНИ – „Заминување на светулката“ .

Акад. Матеја Матевски е добитник на главните национални награди, меѓу кои, двапати на Наградата на Друштвото на писателите (1956, 2001) и на „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата (СВП) за најдобра поетска книга меѓу два фестивала (1963, 1981), како и на националните награди „11 Октомври“, „Кочо Рацин“, „Климент Охридски“, „Македонско слово“, „Веља кутија“ на Македонските духовни конаци, „Гоцева повелба“, „Книга на годината на Македонската книжевна фондација“, „Книжевно жезло“ на Празникот на липите, како и на Повелбата „Блаже Конески“ на ДПМ за врвни творечки остварувања и трајни белези во македонската, европската и светската литература. За препев на поезија е добитник на наградите „Григор Прличев“ на СВП, „Златно перо“ и „Кирил Пејчиновиќ“.

Добитник е и на повеќе меѓународни награди: „Горанов вијенац“ (Хрватска), „Блез Сандрар“ (Швајцарија), специјалната награда за литература „Премио медитеранео“ на книжевниот собир во Палермо, „Триесте поезија“ на Фестивалот во Трст и „Премио медитеранео“ на Медитеранската акдемија во Неапол (Италија), „Фернандо Риело“ и „Атлантида“ (Шпанија), „Жупанчичева листина“ (Словенија), „Ергуван“ (Турција), „Златен клуч на Смедерево“ (Србија), наградата на издавачите на Романија „Нирвана“, потоа наградите „Мајкл Мадхусудан“ и „Восхитувачки поет“ (Индија), како и „Јан Смрек“ (Словачка).

Носител е и на високото национално одликување „Заслуги за Македонија“ и на највисоките француски одликувања „Легија на честа“ и „Уметност и литература“.