Почина Георги Константиновски, архитектот на студентскиот дом „Гоце Делчев“

Георги Константиновски, еден од најзначајните архитекти на македонската архитектура, почина на 90-годишна возраст, потврди неговото семејство.

Константиновски ќе остане запаметен како авторот на објектите на Архивот на Град Скопје, Студентскиот дом „Гоце Делчев“, Домот за рекреација во Катлановска бања, Меморијалниот комплекс АСНОМ во Пелинце, како и Спомен Домот на Разловечкото Востание во Пелинце, Домот на печат во Приштина, но и многу други.

„Неговиот лик и дело ја задолжија македонската архитектура, оставајќи наследство кое има локално, регионално и меѓународно значење. Се повеќе неговите дела предизвикуваат внимание кај оние кои го истражуваат периодот на бруталистичката архитектура. Извонреден во својата професија, одличен педагог (омилен професор на многумина) и вистински архивар на македонското градителско наследство. Тој покрај сопствената работа, грижливо ја истражувал и архивирал домашната сцена преку повеќе изданија“, стои во објавата на специјализираниот веб-сајт за македонска архитектура „МАРХ“.

Константиновски во 2016-та година стана почесен член на Македонската академија на науките и уметностите.

Тој е роден на 29 јули 1930 година во Крагуевац, Србија, дипломирал на Техничкиот факултет во Скопје на одделот за архитектура (1956).

Во 1965 го добива називот МА (магистер) на унивезрзитетот Јеил во САД ( ментор Паул Рудолфд и Сергеј Чермаеф). Потоа во Њујорк соработува со славните архитекти како што се  Јо Минг Пеи, Хенри Коб и Аралдо Косута.

Во 1991 година на Белградското триенале на светска архитектура бил прогласен за најдобар архитект на Југославија и бил вброен во најдобрите 55 светски архитекти.

Бил професор на Факултетот за архитектура во Скопје до 1995, а од 1999 е член на Академијата за архитектура при Асоцијацијата на архитекти на Македонија.

Бил претседател на Советот за урбанистичко планирање на град Скопје (1983) и декан на Факултетот за архитектура (1987-1989). Собранието на Словенечката Академија за Наука и Уметност „Сазу”  го избрала во 2007 за дописен член. Присутен е на македонската архитектонска сцена во периодот кога започнал процесот на ревизија и критика на модерната архитектура.

Многу тајни за малите соби – како се градеше студентскиот дом „Гоце Делчев“?