Многу тајни за малите соби – како се градеше студентскиот дом „Гоце Делчев“?

На третиот кат од архитектонскиот факултет во Скопје, се наоѓа кабинетот на професорот и архитект во пензија, Георги Константиновски. За него и неговите проекти има слушнато цел свет бидејќи тој има соработувано со едни од најдобрите архитекти како што се Пол Рудолф, Сергеј Чермаев и Јо Минг Пеи. Но, она што најмногу му лежи се студентските домови. Делото за кое освои награди и кое се уште сè обидува да опстане против временските фактори е студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје.

Многу тајни за малите соби - како се градеше студентскиот дом „Гоце Делчев“?

„…Најголемата филозофија на студентскиот дом е решавањето на еден карактеристичен кат“, вака Константиновски ја започнува приказната за студентскиот дом.

Тој при проектирањето многу внимание посветил на тоа како од двокреветна соба студентот да се чувствува како да е сам во собата. Приказната за овој студентски дом има неколку карактеристични моменти. Прво, при отворање на двете врати од двете соседни соби, студентите коишто живеат во едната и во другата соба може да бидат многу блиски и да се чувствуваат како семејство. Ходниците се направени во таква рамнина што оној којшто поминува нема да ја почувствува издолженоста.

Многу тајни за малите соби - како се градеше студентскиот дом „Гоце Делчев“?Константиновски жали што дел од планот не бил реализирани. Такви се мостовите што ги поврзувале сите блокови и каде што било планирано да се постават дневните соби опремени со телевизор, радио, столчиња за седење. Не бил изграден ниту амфитеатарот наменет за разни приредби и културни настани, како и спортската сала. Што се однесува на ресторанот, првите генерации во студентскиот дом „Гоце Делчев“ имале можност да јадат во вистински ресторан со двор и зеленило покрај нив и пријатен поглед кон Водно.

Во првата фаза биле направени блоковите А и Б бидејќи, се сеќава Константиновски, немало пари за целиот објект да се комплетира.

„Тогаш при свеченото пуштање на студентскиот дом, тогашниот градоначалник на Скопје, другар, господин Љупчо Ставрев ми пријде и ми рече -Константиновски дали може во оваа друга фаза да вметнете бањи во собите?’. Јас одлучно одговорив и реков „не“. Реков „не“ бидејќи кога го проектирав студентскиот дом, како минимална површина по еден студент се зема 7 квадрати, тоа значи дека за двокреветна соба треба да има 14 квадрати. Јас бев толку амбициозен и реков нема да биде 14 ќе биде 13,95, нешто помалку. Сега во минимална соба бара да уфрлам и бања…?!“, вели архитектот.

Но, тоа прашање станало предизвик за Константиновски, па поради неговата амбициозност и смелост кон експериментирањето, во блоковите В и Г сепак секоја соба била направена со бања во неа.

Студентскиот дом „Гоце Делчев“ е карактеристичен и по тоа што е целосно покриен со бетон, одлика на т.н. бруталистичка архитектура којашто во тој период била популарна во Америка и низ цела Југославија. Причината поради која Константиновски го употребил овој стил на архитектурае  економичноста што ја нуди овој тип на градба. Така веќе изградениот дом можел да се смета како хотел од Б категорија, но разликата е во тоа што за изградба на еден студентски дом биле потребни 3 и пол милиони тогашни денари, а за хотел од Б категорија биле потребни од 8 и пол до 11 милиони денари.

„Тоа кажува дека со тие пари што го градат хотелот можат два студентски дома да изградат како што е „Гоце“. А истиот конфорт го имаат и во студентскиот и во хотелот од Б категорија“, забележува Константиновски.

„Доаѓа зима, голем број на студенти се жалат на студот, зарем бетонот не држи ладно“, го прашувам професорот.

„Кај луѓето е создадена таа психоза дека бетонот делува негативно и мислат дека е постудено. Јас во мојот студентски дом во собите имам предвидено на бетонските ѕидови изолација уште тогаш. Ако не се добро изведени, тоа не зависи од мене, туку од тој што изведувал. Знам, се жалеа студентите дека има провев. Тоа е прашање на организацијата што го изведувала студентскиот дом“, вели тој.

Многу тајни за малите соби - како се градеше студентскиот дом „Гоце Делчев“?Константиновски последен пат влегол во студентскиот дом „Гоце Делчев“ пред три години. Од она што го забележал сфатил дека во „Гоце“ ништо не се променило. На прашањето колку еден објект може да издржи да биде населен, а да не биде реконструиран тој одговори дека уште од првиот ден треба да се одржува објектот, кога ќе се пушти. Ако некаде прегорела сијалица, веднаш да се смени. Ако некаде попуштил радијаторот веднаш да се поправи.

„Државата треба да ги поддржува студентите и студентскиот дом припаѓа на државата, државата е таа што треба да води грижа за да се одржува тој објект. Јас сега и би препорачал бидејќи имаме милијардери во нашето општество нека преземе еден студентски дом, барем еден блок да го реновира за да го врати во онаа состојба кога беше нов“, цврсто проговори Константиновски.

Архитектот на овој студентски дом што на некој начин претставува одлика и за самата држава вели дека кога би имало акција поттикната од самите студенти за подобрување на состојбата на домот тој апсолутно би се приклучил во секој момент.

„Она што сум го зел како професија, тоа е просветен работник, јас таков останувам до крај на својот живот. Мојата цел во животот и општо можам да ги подучувам младите и особено врз база на моето големо искуство како архитект да давам се од себеси несебично да ги насочувам како треба да проектираат. Совети и од најразлични други професии кога ќе дојдат кај мене како повозрасен човек со поголемо животно искуство сакам секогаш да ги насочувам кон тоа како треба да се движат кон животот“, рече Константиновски.

Разговорот го заврши велејќи дека му е мило што „Гоце“ не е гледан само како место за живеалиште. Константиновски бил радосен кога во неговиот кабинет дошла студентка што седела во домот и му покажала слики од студентскиот. Тој вели дека „Гоце“ е еден вид архитектонска скулптура што треба да ги инспирира студентите да творат.

Емилија Петреска