По втор пат искината уметничка инсталација во Ливерпул со имиња на загинати бегалци и мигранти

Уметнички проект во Ливерпул на кој е прикажана листа со имињата на 34.361 бегалци и мигранти кои ги загубиле животите во обидот да стигнат до Европа по втор пат е искината од непознат сторител.

Уметницата Бану Ченетоглу, која стои зад иницијативата, одлучила да не ја прави инсталацијата по трет пат, туку да ја остави искината како „потсетник за систематското насилство кое се применувало на луѓето“.

Листата на имиња е направена за Светскиот ден на бегалците. Прикажана е во повеќе градови, меѓу Берлин, Истанбул, Базел и Атина, а минатиот месец била инсталирана на улица во Ливерпул на пано долго 280 метри, како дел од градското уметничко биенале.

Ченетоглу изјавила дека листата била скината „многу насилно“ во неделата и дека со жалење одлучила да го остави местото такво какво што е. Таа изјавила и дека оваа уметничка инсталација никогаш не била оштетена во другите градови каде што е поставена.

Организаторите на фестивалот изјавиле дека сè уште не знаат кој и зошто ја скинал инсталацијата. Дел од имињата остануваат видливи и тие планираат да постават известување преку кое ќе биде објаснето зошто останатите имиња недостигаат, насочувајќи ги посетителите кон интернет-страницата на кој можат да ја најдат целосната листа.

Уметничката инсталација прв пат била искината на 28-ми јули. Тогаш гласноговорничката на фестивалот изјавила дека „се згрозени од оштетувањето на листата“ и дека „сакаат да знаат зошто е сторено тоа“.

Листата е создадена и секоја година се надградува од „Обединети за интеркултурна акција“, европска мрежа на 550 анти-расистички организации од 48 земји. Листата прикажува информации за смртта на 34.361 бегалци или мигранти кои ги загубиле животите во или на границите на Европа од 1993 година досега.