По сликите во медиуми, исчистено е ѓубрето и од студентскиот „Кузман Јосифовски-Питу“

Откако во медиумите и на социјалните мрежи почнаа да се споделуваат фотографии од студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ на кои се гледаат купишта ѓубре што студенти го фрлале од своите прозорци, од Државниот студентски центар соопштија дека организирале акција за чистење.

Во акцијата е исчистен отпадот од кровот во „Кузман“, каде „заглавиле“ фрлените кеси, шишиња, храна. Надлежните најавуваат казни.

„Се повикуваат студентите да не фрлаат отпад низ прозорците и да не ја загадуваат околината. Јавната хигиена во студентските дворови е резултат на заедничка грижа за животната средина. Исто така, Државниот студентски центар потсетува дека во иднина ваквото однесување ќе биде санкционирано бидејќи го загрозува секојдневието на сите студенти“, стои во соопштението од ДСЦ Скопје.

Оттаму информираат дека во завршна фаза е поставувањето на камери во студентските домови, кои според надлежните, ќе придонесат за повисоко ниво на безбедност и хигиена во студентските домови.

Изминатат недела се споделуваа вакви слики и од студентскиот дома „Пелагонија“. И овде, еден ден откако сликите излегоа во медиуми, ѓубрето беше исчистено, а надлежните од домот најавија казни за студентите кои фрлаат полни кеси губре од прозорците на домот. Првата казна ќе биде опомена, втората – парична, а со третата ќе бидат избркани од домот.