По 48 години, Исланѓанките излегоа на женски марш против родовиот јаз и насилството врз жените

Десетици илјади жени и небинарни лица денеска маршираат низ исландските улици, со цел да го свртат вниманието на државата кон родовиот јаз во платите, родово-базираното и сексуално насилство. Во Исланд, ваков марш се одржува по втор пат.

На првиот марш, кој се одржал во 1975 година, 90% од женското население на државата одбило да работи, со што се предизвикале многу родово-базирани промени и изгласување на првата исландска претседателка.

Денес, на вториот ваков марш, ќе присуствува и премиерката на Исланд, Катрин Јакобсдотир, а на маршот учество ќе земат рибарките, наставничките и професорките и медицинските сестри.

Но дел од организаторките на маршот, кои учествувале и на првиот марш во 1975 година, велат дека суштинските барања за препознавање на женскиот труд не се сменети 48 години.

Организаторките истакнуваат дека работните места традиционално асоцирани со жени, како хигиеничарки и негувателки не се ценети, а се ниско платени.

„За Исланд се зборува дека е рај на еднаквост. Но дали рајот на еднаквост треба да има 21% родов јаз во платите и дали во еден таков рај 40% од жените се соочуваат со родово-базирано или сексуално насилство во животите?“, изјавила Фреја, една од организаторките на маршот.

Денешниот марш се одржува под слоганот „Дали ова го нарекуваш еднаквост“ и ќе трае цел ден. Жените и небинарните лица се охрабрени да не одат на своите работни места и да не вршат неплатена куќна работа, за да се демонстрира „важноста на женскиот придонес кон општеството“.

Се очекува околу 25.000 жителки да учествуваат на собирот во центарот на Рекјавик, а се очекуваат и маршови на целата територија на Исланд.

Според „Статистика Исланд“, жените на пазарот на трудот во 2022, просечно заработиле 21% помалку од мажите.