Нема домаќини, само домаќинки – пандемијата несразмерно ги погоди работните места

Пандемијата од Ковид-19 освен што влијаеше на економијата, го зголеми и онака големиот родов јаз на  пазарот на трудот. Истражувачите и статистиките на оваа тема посочуваат и на уште еден подлабок проблем – привидниот избор кој го имаат жените во нивните кариерни одлуки. За жал, традиционалните родови улоги се уште влијаат на кариерните цели, а работничките на плеќи носат товар од неплатен труд.

Според податоците од Агенцијата за вработување на РСМ, во периодот на ковид кризата, односно по 11 март 2020 година, па до 31 август 2021, својата работа ја изгубиле 16.615 лица. Притоа жените се несразмерно погодени. Така, работата ја изгубиле 7469 мажи (45%), наспроти 9146 жени (55 отсто).

Традиционалните родови улоги сè уште ги скусуваат кариерните можности 

Истражувачката Билјана Котевска објаснува дека жените се позастапени во секторите кои беа најпогодени од кризата, односно, угостителството, трговијата, како и одржувањето на хигиената. Котеска забележува дека доколку се споредат бројките на евидентираните невработени лица за февруари 2020 и февруари 2021, ќе се увиди дека и апсолутната бројка на невработени жени ја надминала таа на невработени мажи.

Оттаму, во март 2020 година се евидентирани 55401 невработени мажи и 52331 невработени жени, додека во март 2021 година евидентирани се 71785 невработени мажи и 73542 невработени жени. Повеќе невработени жени како апсолутна бројка се регистрирани за прв пат од почетокот на пандемијата во септември 2020 година.

„Ова е исход од делувањето на комбинација од фактори каде влијаеа значително и недостигот на услуги како резултат на мерките воведени за справување со пандемијата што доведе до затворање на градинките или учење на далечина, но и до зголемена потреба за нега на членови на семејството со што, следеше традиционално префрлање на домашните и негувателските обврски на грбот на жените“, вели Котевска.

Ова го поткрепува и со анализата  на UN Women – „Влијанието на КОВИД-19 врз жените и мажите во Северна Македонија“,  која покажа дека 44% проценти од жените трошеле повеќе време на чистење и одржување на домот од почетокот на пандемијата споредено со 30% од мажите. Дополнително, 40% од жените трошеле повеќе време на подготовка на оброци од почетокот на пандемијата, споредено со само 19% кај мажите.

Невладината организација „Finance Think“, го потврдува исказот на Котевска, односно велат дека далеку пониската активност на жените во однос на мажите се должи на традиционалната улога на жената – грижата за домот и семејстново, улога која во пандемијата беше оптоварена и со недоволен капацитет за згрижување деца во претшколска возраст и стари лица. Оттаму дополнуваат дека жените се една од најпогодените групи.

„Најголем дел од вработените во првите редови во борбата со пандемијата (медицински персонал, фармацевти, вработени во супермаркет) се жени. За време на кризата се зголеми нивната неплатена работа во домот, заради зголемениот обем на работа, грижата за семејството. Женските работници се почесто изложени на можна инфекција бидејќи се главно ангажирани како работници во трудо-интензивната индустрија, како што е текстилната индустрија, каде што инфекциите полесно се шират како резултат на преполното работно место и јавниот превоз од и до работното место. Ова може дополнително да ја влоши родовата дискриминација на пазарот на трудот и ризикот од губење на работното место доколку институционалната превенција е неефикасна“, велат од организацијата.

Според истражувањето на ЕСЕ, во кое учествувале 2 272 жени, просечната заработувачка во август 2020 изнесувала 19 128 денари, што е за 338 денари помалку од просечниот износ што го оствариле жените во јануари 2020 година. Исто така, на 8 отсто од испитаничките кои заработувале во двата периоди, односно пред и по пандемијата, во август 2020 година им се намалила заработувачката во просек за 8 146 денари.

„Во 16 од вкупно 25 дејности во кои работеле жените во 2020 година се бележи негативна промена, односно намалување на бројот на вработени“, посочуваат од ЕСЕ.

„Жените имаат право на избор“, но само привидно

Од „Реактор“ истакнуваат дека додека во јавноста е популарна синтагмата дека во нашата земја „жените имаат право на избор“ , голем дел од жените немаат ниту привиден избор, бидејќи работодавачите решаваат да го направат изборот за нив.

„На интервју за работа често се поставуваат прашања од типот: дали сте мажена, дали имате деца или дали планирате скоро да имате деца, со што работодавачот однапред го прави изборот за нив и оценува колку време жената ќе бидете отсутна од работа бидејќи нашиот Закон за работни односи сѐ уште препознава само мајчинско отсуство, а не родителско, што на работодавачот му дава простор да си земе за право да ги прави овие дискриминаторски пресметки, што ги кршат основните човекови права“, велат оттаму посочувајќи на своите истражувања.

Од бројката од 16.615 лица кои ги изгубиле работните места, 32.2 отсто ги изгубиле поради истек на определено време. 6.6 отсто од лицата добиле отказ од работодавачот, а 24.5 отсто од работните места се изгубени поради спогодбен престанок на работен однос. 16.5 отсто дале отказ, а 9.6 отсто добиле отказ од деловни причини.

Но, од ЕСЕ предупредуваат дека негативните ефекти на економската криза предизвикана од пандемијата, покрај тоа што довеле до намалување на бројот на вработени во поголемиот дел од дејностите, влијаеле и врз сериозно нарушување или промена на статусот на вработување на жените. Оттаму потврдуваат дека најголемо намалување на бројот на вработени жени имало  кај оние испитанички кои биле вработени со договор на помалку од 12 месеци или 52 %.

„Променет е статусот на вработување и кај оние жени што се вработени на договор на 12 месеци или подолго, односно 39% од интервјуираните жени што го имале овој статус на вработување го изгубиле целосно или пак продолжиле да работат со понеповолни услови за вработување (договор на пократок рок или пак договор на дело каде што се плаќа само персонален данок на доход“, забележуваат од ЕСЕ, дополнувајќи дека за 33 отсто бил  зголемен бројот на испитанички што станале неплатени семејни работнички, што сериозно влијае врз статусот на жената и нејзината положба пред и по пандемијата.

Отсуство на домаќини

Од „Реактор“ посочуваат дека економската  нееднаквост на пазарот на трудот е уште поголема ако се разгледува низ призмата на статистиката за неактивност, односно ако се сметаат и работно неактивните лица. Тоа се оние лица кои не се ниту вработени ниту регистрирани во Агенцијата за вработување како невработени или, накратко, во нив се вбројуваат студентите, пензионерите и домаќинките – квота која постои исклучиво во феминатив во Државниот завод за статистика.

„Според официјалната статистика,  46% од жените на работоспособна возраст се водат како неактивни споредено со 23,3%од мажите. Повторно јазот е двојно поголем споредено со европскиот просек и значително поголем од некои балкански земји“, велат од „Реактор“.

Оттаму нагласуваат дека половина од жените кои се работно неактивни во Северна Македонија, не бараат работа токму заради обврските поврзани со грижа за деца и стари лица или други семејни обврски што патријархатот им ги наметнува исклучиво на жените. Од друга страна пак, само 1,7% од мажите се исклучени од пазарот на труд заради обврски поврзани со грижа за трето лице.

„Една од ретките родово сензитивни мерки на Владата за ослободување на еден од родителите на деца до 10 години, доминантно беше користена од жени, и работничките, особено оние во приватниот сектор и прекарните индустрии беа под притисок од работодавачите да се вратат на работа во услови кога нема кој да се грижи за нивните деца или пак беа „санкционирани“ со исплати под минимална плата, закани за отказ и отпуштања“, велат од „Реактор“, посочувајќи на истражувањето.

Котевска надополнува дека родовиот јаз во невработеноста се должи и на општествени причини,  но и на фактот дека дури и во областите каде што жените се повеќе застапени, вообичаено повисоките и подобро платени позиции ги држат мажи.

Џабе учи, џабе работи

Обработувајќи ги податоците за родовата разлика во образованието, се забележува дека нивото на образование кај жените, не ја зголемува стапката на нивна вработеност. Па така,  невработените со високо образование скоро две третини се жени.

По категориите вишо и средно образование преовладуваат мажи, но интересен е податокот дека оние невработени кои се со основно образование, преовладуваат жени.

Оттука, Котевска истакнува дека логично е жените да се позастапени меѓу невработените високо образовани лица, бидејќи тие се повеќе застапени меѓу лицата кои завршуваат високо образование.

„Но, сепак, нивната застапеност помеѓу невработените е поголема отколку нивната застапеност помеѓу високо образованите, што јасно укажува дека во игра се и други фактори кои резултираат со невработеност. Анализите на присутноста на родовата дискриминација во областа вработување укажуваат дека пазарот на трудот сè уште не е поле за еднаков натпревар. Родовите стереотипи и предрасуди се комбинираат со други фактори. На пример, достапноста на повеќе работни места со полно работно време кои, поради големиот негувателски товар на жените, не секогаш се оптимална опција за нив. Потоа, има недостиг на услуги кои ќе им овозможат на жените да влезат, да се одржат и да маневрираат на пазарот на труд под еднакви услови со мажите“, објаснува истражувачката.

Но, врз ваквата состојба на пазарот на трудот, според Котевска, важна е и сегрегацијата на жените во високото образование, која веќе долго време е присутна преку нивна поголема застапеност во конкретни области кои традиционално се сметаат за „женски“, како што се социјална работа, образование и здравство.

„Жените завршуваат високо образование, но го завршуваат во овие области, а во нив платите се генерално помали. Мажите повеќе се фокусираат на природните науки, инженерство и технологии, со што завршуваат на работни места кои се многу подобро платени. Ова придонесува кон тој затворен круг помеѓу традицијата, сегрегацијата, невработеноста и јазот во платите“, вели таа.

Од „Finance Think“ го потврдуваат податокот дека жените повеќе се едуцираат во области каде можностите за (само)вработување се поограничени, како педагошки науки или општествени науки.

„Кариерно насочување, стимулирање на средно стручно образование, обуки за претприемништво и сл. се дел од мерките што може да ги поттикнат жените да ги пренасочат своите интереси и образование кон занимања што се побарувани на пазарот на труд, а во насока на намалување на јазот што постои“, велат оттаму.

Потреба од системско решение

Еден од начините за решавање на родовиот проблем според Котевска е државните политики да вклучуваат родова перспектива, но таа вели дека отсуствува сериозен пристап на државата кон ова прашање. Според неа, Нацрт-стратегијата за родова еднаквост за 2021-2026 која што е во моментов пред Собранието за усвојување не дава решенија на вкоренет системски и општествен проблем, туку претставува генерален план за козметичко делување во една од областите која има голема тенденција кон статус кво и отпорност на промени.

„Вклучувањето на родова перспектива мора да биде направено со интерсекциски пристап, што значи да се земе предвид синергетскиот ефект од делувањето врз жените на различните односи на моќ во општеството. Мерките кои може да делуваат позитивно кај дел од жените, не нужно ќе делуваат така кај сите жени, што е особено случај со жените кои се на маргините на општеството, како што се жените со попреченост, Ромките, транс жените. За ова се потребни сериозни напори и многу повеќе од само ветувања и вербална поддршка“, вели таа.

Од „Реактор“ истакнуваат дека пандемијата само ги потврдила и продлабочила нееднаквостите меѓу жените и мажите. Оттаму дополнуваат дека институциите мораат да ги заштитат работничките права, особено во прекарните нископлатени индустрии, мораат да работат на препознавање и санкционирање на родово-базираната дискриминација на пазарот на трудот, и конечно да овозможат еднаков пристап до достоинствена работа и платен труд за сите, без разлика на родот.

„Повикуваме во новиот Закон за работни односи да се воведе соодветно татковско и родителско отсуство и да се работи на тоа да се создадат услови и двата родители да можат подеднакво да го користат отсуството за грижа, да се вложува во квалитетни и достапни јавни сервиси за рана грижа и образование; како и да се работи на изнаоѓање и на други политики кои ќе ја препознаат вредноста на неплатената домашна работа и ќе поттикнат праведна распределба на одговорностите и обврските во домот. До тогаш, 50% од нас ќе останат присилно исправени пред „илузијата“ на имање избор“, заклучуваат од „Реактор“.

Текст: Ивана Смилевска
Инфографик: Даниел Евросимовски