Јави се на фиксен или дојди на шалтер ако си невработен – неопходна е дигитализација на институциите

Дваесетишестгодишната Марија од Битола, беше погодена од пандемијата на коронавирусот и oстана невработена. Во таква ситуација, како младо лице, се потрудила да ги искористи услугите што ги нудат Агенцијата за вработување и Фондот за здравствено осигурување, секако онлајн. Но, Марија не успеала да ги добие потребните информации на интернет.

„Кога сакав да се информирам за здравственото осигурување не бев во можност да ги најдам потребните информации и не добив одговор кога се обидов телефонски да ги контактирам. Физички сè уште немам отидено“, вели таа.

Од друга страна, таа вели дека веб страната на Агенцијата за вработување е релативно добро направена и добар дел од информациите може да се најдат таму. Но и тука работите не оделе глатко.

„Сепак, јас имав потреба од конкретна информација која се обидов да ја добијам со вртење на телефонските броеви. За жал не успеав на овој начин да стапам во контакт, па морав лично да отидам до просториите на АВРСМ. Таму немаше голем ред и брзо ги добив потребните информации. Единствен проблем во мојот случај е тоа што доколку сакам да пријавам статус на активен барател за работа, тоа морам да го направам во Битола иако живеам во Скопје веќе неколку години и имам фиксна адреса како потстанар регистрирана на нотар“, нагласува таа.

Јави се на фиксен

Ако се обидете да свртите на телефонот на Фондот за здравство преку вашиот мобилен телефон, ќе се натпреварувате со звучниот сигнал, но безуспешно. Доколку пак, пробате да се поврзете со одреден сектор преку централата, по звучниот сигнал ќе бидете поврзани со автоматска секретарка што говори на англиски јазик.

На веб страната на Фондот за здравствено осигурување, е објавена куса информација дека лицата можат да испратат скенирана документација за остварување на правата од здравствено осигурување на мејлот podracnasluzbaskopje@fzo.org.mk. За ова се потребни апликации за скенирање, но и документи од други државни институции, како Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.

Радио МОФ уште пред две недели побара одговори од Фондот за здравствено осигурување во однос на тоа колку навистина се дигитализирани нивните услуги. И покрај најавите дека ќе пратат одговори, до објавувањето на текстот тоа не се случи. Единствено, во кусиот телефонски разговор ни беше посочено дека главната линија за информации на Фондот е функционална, ама работи само преку фиксен телефон.

И бројот на кој се бараат информации од Агенцијата за вработување е исто така е фиксен и недостапен при од мобилен телефон. Оттаму додаваат и дека  воведувањето во евиденција и редовното пријавување на невработеното лице се процеси за кои мора да се оди во просториите на Агенцијата.

Па оттука, за да се отпочне процесот за пријавување на невработените лица, за воведување во евиденција, потребни се лична карта и диплома, односно сведителство за завршено образование. Потоа редовното пријавување на невработените лица кои активно бараат работа и невработените лица кои остваруваат право на паричен надоместок се врши на секои 30 дена, а за останатите е на 6 месеци. Мора да се оди лично, во градот во кој невработеното лице има адреса на живеење.

Во моментов АВРСМ не располага со можност за електоронска пријава на невработени лица, но ова прашање е отворено и се работи на изнаоѓање на адекватно решение кое ќе обезбедува сигурност за потврда на идентитетот на лицата кои електронски се евидентираат. Работиме на тоа да изнајдеме решение кое ќе биде безбедно и нема да остава простор за манипулации и злоупотреба на можноста за електронска евиденција,“ велат од институцијата за Радио МОФ.

Сепак, додаваат оттаму, Агенцијата за вработување е активно вклучена во сите процеси на дигитализација на институциите, посочувајќи дека голем број на услуги кои ги нуди АВРСМ се достапни на Националниот портал за електрoнски услуги.

„Агенцијата за вработување активно работи и на поврзување на електронскиот систем на АВРСМ со електоронскиот систем на Централниот регистар на население преку системот за Интероперабилност на МИОА. АВРСМ од овој регистер ќе користи основни податоци за лицата, потребни за евиденциите кои ги води Агенцијата и со тоа ќе се олесни процесот на воведување во евиденција на невработените лица“, велат оттаму.

Пандемијата несразмерно ги погоди младите во делот на вработувањето. Според документот Млади во криза 2.0 – Ефекти од пандемијата врз младите и препораки до институциите“, Агенцијата за вработување во периодот од март до септември 2020 година евидентирала 14819 лица кои загубиле работа, од кои 3437 биле млади.

Младинските организации предупредуваат дека растот на младинската невработеност, падот на приходите, немањето дигитален пристап до мерките за вработување и до-едукација на долг рок ќе влијаат врз животите на младинската генерација која поминува низ кризата.

Пандемија и приморана дигитализација

Блажен Малески од „Реактор“ и дел од истражувачите кои го креираа документот „Млади во криза“, вели дека дигитализацијата на институциите е сериозен проблем. Тој истакнува дека не само што институциите функционираат само со фиксни телефонски апарати, туку и за време на пандемија сѐ уште бараат и физичко присуство за одредени услуги.

„Ваквата поставеност не само што не е пристапна за младите, туку и за целото население. На пример, оние кои изгубиле работа за време на пандемијата, треба физички да се пријават во Агенцијата за вработување. Од една страна тоа го загрозува здравјето на граѓаните, од друга страна ги прави помалку достапни мерките и услугите кои ги дава Агенцијата за младите. Како резултат на тоа, не сите млади невработени се пријавуваат во Агенцијата за вработување“, вели Малески.

Тој потенцира дека резултатите од најновите истражувања од меѓународните фондации, меѓу кои и Вестминстер, покажуваат релативно ниско ниво на вербата и задоволството од институциите кај младите.

„Може да се заклучи дека младите генерално не чувствуваат дека институциите им излегуваат во пресрет на младите“, вели тој, додавајќи дека пристапот спрема младите треба да биде специфично дефиниран и адаптиран на нивните потреби и новите времиња.

Сепак, Малески посочува дека пристапот до сервисните услуги и институции мора да се подобри.

„Пријавувањето за невработеност, или за регистрација за здравствено осигурување, како примери, апсолутно можат да се дигитализираат. Во 21 век кога огромен дел од бирократските и папиролошките барања можат да се одвиваат дигитално, ние сѐ уште им бараме на младите папирологија. Оттаму, веројатно прво нешто кое мора да се подобри е пристапот до сервисните институции и нивна целосна дигитализација“, вели тој.

Малески додава дека пандемијата од  КОВИД-19  на некој начин и ги примора институциите да ги забрзаат процесите во однос на дигитализацијата.

„Нормално, и ваквиот пристап има свои предизвици, но укажува на фактот дека кога апсолутно мораме, се трансформираме и успеваме да воспоставиме некаков систем. Сепак, не треба дигитализацијата да зависи од вонредни или епидемиолошки фактори, туку од интересот на институциите да им овозможат на сите граѓани, а особено на младите, полесен пристап до услугите. А нормално, со тоа да го зголемат и учеството на младите во таквите сервиси. Плановите за дигитализација се веќе направени, што е важен чекор напред, но сѐ уште се чека на реализација на истите“, додава тој.

Држава на пензионери и администрација

Зборувајќи за дигитализацијата, комуникологот Бојан Кордалов посочува дека дури и по една година живеење во пандемија, сè уште нема овозможено дигитални услуги за граѓаните. Според него, клучно е да се изгради систем кој што ќе се базира на потребите на младите луѓе, значи систем кој што ќе се базира на она што ги очекува младите во иднина.

„Ако не сакаме да станеме земја на пензионери и администрација, ако сакаме да имаме природен тек на работите, мора да разбереме дека оваа генерација денеска, на млади луѓе живее многу поразличен живот, базиран на технолошки пронајдоци и технологија, споредено со сите претходни и системот во кој што тие учат, комуницираат, работат… аналогно на тоа е многу поразличен и поинаков. Затоа е важно, еден од првите консензуални работи за кои партиите или институциите мора да стават приоритет, е да изгради едно општество базирано на потребите на младите кое што ќе го градат паралелно со нас младите. Значи не ние да одлучиме што им треба на генерациите денес, туку заедно со нив“, вели Кордалов.

Тој додава и дека за неколку децении, токму денешните млади ќе одлучуваат како ќе изгледа системот.

„Е сега, какво образование сме им дале на нив, какви можности сме им дале, колку сме го прилагодиле општеството, на нивните потреби, особено во дигиталната сфера, толку зависи и како ние ќе живееме во иднина, едноставно мора да се вложува, мора да се комуницира и мора да се ставаат во средиштето потребите на младите луѓе и да изградиме такво општество, нема друг начин“, заклучува тој.

Ивана Смилевска