Пластични шишиња обезбедуваат бесплатна улична светлина во најотсечените и сиромашни места за живеење

Проект наречен „Литар светлина“ е обид да се осветлат местата кои немаат струја, ниту пак средства за изградба на инфраструктура, преку користење на „направи сам“ светилки од пластични шишиња.

Една од најголемите промени после природните катастрофи кои веднаш се чувствуваат, како ураганот кој неодамна предизвика хаос во Хаити, е што често потоа насекаде е темно. Потребни се неколку месеци за финансиска помош, која во случајов е потребна за поставување на улично осветлување, за да се осветлат и најотсечените делови.

Секој ден повеќе од 1,5 милијарди луѓе се соочуваат со темнина, а често се принудени да користат свеќи и керозински ламби, чии гасови се отровни.

Некои од овие заедници се на особено отсечени места и немаат пристап до струја. Други пак, имаат струја, но решаваат да не ја користат бидејќи е прескапа.

Проблемот е многу поголем од недостатокот од светлина. Причинува долгорочни проблеми за безбедноста, независноста, здравството и пристапот до образование.

Затоа, слободниот и отворен проект „Liter of Light“ се обидува да го промени ова, преку користење на пластични шишиња за да се направат едноставни светилки кои се напојуваат со соларна енергија.Пластичните шишиња се полнат со вода и избелувач, кој ја спречува водата да стане зелена. Шишињата потоа се стават на покривите на куќите и функционираат како огледало на покривот, рефлектирајќи ја светлината кон 360 степени, и нудејќи природна светилка во текот на цел ден.

Пред три години, Литар светлина осветлувал само куќи и соби. Сега, планираат да осветлуваат цели села и да создадат јавни системи за осветлување, користејќи евтини и самоодржливи методи за соларно напојување. Повеќе од 650000 вакви светилки веќе се користат во околу 20 држави.

Едноставната соларна светилка во пластично шише чини околу 3 долари. Жителите на села без струја можат и да ги заменат своите керозински ламби за да добијат 5 долари во замена. Уличните светилки кои се напојуваат со овој метод чинат околу 25 до 30 долари. Но, според Илак Диаз, основач на проектот, во споредба со други светилки кои се напојуваат на сончева енергија, кои чинат околу 1000 долари, се многу евтини.