Планетариум и лаборатории – се отвора Центар за талентираните ученици од Центар, Карпош и Кисела Вода

Планетариум, биохемиска лабораторија и лабораторија за уметности, ќе бидат дел од новиот Центар за талентирани ученици од општините Центар, Карпош и Кисела Вода.

Едукативните работилници ќе се реализираат во основното училиште „Димитар Миладинов“ во Центар, на површина од 120 квадратни метри, во три посебни простории.

Носител на овој проект е Општина Центар, а партнерски општини се Карпош и Кисела Вода. Центарот за талентирани ученици ќе овозможи вмрежување меѓу талентите од трите општини, размена на знаења и искуства, стекнување нови вештини и подготовка на младите за домашни и меѓународни натпреварувања.

Отворањето на Центарот беше еден од проектите кои вчера беа поддржани на седницата на Советот за развој на Скопски Плански Регион. При тоа беа одобрени и стипендиите за талентирани ученици и спортисти од основно образование.