Паули Тапио од Финска добитник на наградата „Мостови на Струга“

Управниот одбор на НУМ „Струшки вечери на поезијата“ – Струга, одлучи наградата „Мостови на Струга“ за најдобра дебитанска книга која ја доделуваат Струшките вечери на поезијата и УНЕСКО, во конкуренција на 23 книги од 13 земји, да му биде доделена на финскиот поет Паули Тапио за книгата „Врапчињата и времето“ (Varpuset ja aika).

Тапио е роден во 1986 година во северниот фински град Оулу. Во детството неговото семејство неколку години живеело во странство, во САД, во Чехословачка и Обединетото Кралство. Потоа живеел во Хелсинки, Финска и Санкт Петербург, Русија. Студирал финска книжевност и руски јазик на Хелсиншкиот Универзитет и работи како книжевен критичар, организатор на настани и преведувач. Тапио превел неколку книги од руски јазик меѓу кои и Сергеи Довлатов и Светлана Алексиевич, како и поезија од млади руски поети. Моментално работи на Хелсиншкиот Универзитет каде што предава и спроведува истражувања за својот докторат за формирањето на слободниот стих во модернистичката финска поезија.

„Врапчињата и времето“, неговата дебитантска книга поезија за која ја добива наградата „Мостови на Струга“, e објавена во 2017 година. Истата година ја добила престижната награда за книга „Хелсингин Саномат“, која што се доделува за најдобра дебитантска книга проза или поезија за таа година. Во својата поезија, Тапио особено се занимава со ритмите во финскиот јазик. Исто така заинтерсиран е за формалните и стилски конвенции од различни поетски традиции и сака застарените форми и ограничувања да ги прилагоди во современите контексти задржувајќи ја врската со иновативната современа поезија на својот мајчин јазик и на другите јазици. Тематски, неговата прва збирка ја истражува судбината на модерната индивидуалност фатена во грчот од светската историја и светските политики.

Наградената книга според правилата од страна на Струшките вечери на поезијата ќе биде објавена во тројазично издание (фински, македонски и англиски јазик). Таа ќе биде претставена за време на овогодишното издание на фестивалот (22–27 август), кога и ќе му биде врачена наградата.