„Патот на Транзицирање“ – Закажано па откажано предавање за трансполови операции на Медицинскиот факултет

Македонската Медицинска Студентска Асоцијација (ММСА) вчера информираше дека се откажува предавањето „Патот на Транзицирање“ за информирање на трансполовите операции достапни во земјава и техниката на нивно изведување. Причината за откажување, како што велат, е недоразбирање околу содржината на настанот, првично најавен како „Инклузивно здравје за сите“. Од ММСА се извинија до јавноста и деканатот на Медицинскиот факултет за ситуацијата и притоа ги избришаа сите јавни објави за предавањето. По ова со реакции се јавија од Институтот за родови студии и активисти за човекови права, со став дека откажувањето на настанот е срам за науката и студентите. 

„Се обраќаме јавно до сите следбеници и поддржувачи на Македонската Медицинска Студентска Асоцијација за ИЗВИНУВАЊЕ пред сè кон пошироката јавност и Деканатот на Медицинскиот факултет за настанатиот проблем со настанот ‘Патот на Транзицирањето’. Како една од најстарите медицински асоцијации сакаме да се оградиме целиот тим од настанатиот проблем и за жал ,да изнесеме дека овој настан не беше дискутиран од страна на организацијата и во Деканатот на Медицински факултет беше пријавен под друго име ‘Инклузивно здравје за сите’ со што деканатот беше ставен во заблуда за карактерот на настанот. Настанот беше избришан од сите страни и секако откажан откако се дозна целата ситуација“, пишува во објавата на ММСА споделена на социјалната мрежа Фејсбук.

Оттаму потцртаа дека Деканатот кој ги поддржува во организирање настани и конгреси не бил соодветно известен за настанот.

На ова реагираа од Институтот за родови студии на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје со ставот дека одлуката за закажување, а потоа откажување настан за трансродовото здравје е срамотна за науката и студентите.

„Пример како антиродовата идеологија влегува и во научните и студентските организации. Прво најавен, па откажан настан посветен на трансродовото здравје под притисок на трансфобите. Толку од интегритетот и независноста на науката и студентското организираање и нивната ‘наводна’ посветеност за инклузивно здравје. Конформизам и кукавличук се вистинксите причини за откажување на настанот. Срамота за науката, срамота за студентите!“, напишаа од Институтот за родови студии.

Линкот до објавата со сите информации за предавањето „Патот на Транзицирање“ сега е нефункционален, но од Коалицијата за заштита на децата имаат споделено принтскрин од објавата.

Неформалната група Коалиција за заштита на децата неколку часа подоцна напиша дека откажувањето на настанот е резултат на нивната јавна реакција протестното писмо до Медицинскиот факултет.

„Иако никој од Деканатот на Медицинскиот факултет не се одважи да одговори на нашето протестно писмо, што е навистина непрофесионално однесување за еден факултет кој сака да држи светско ниво, сепак Асоцијацијата на студенти на медицина од Македонија објави извинување. Во извинувањето велат дека настанот не бил дискутиран и во Деканатот бил пријавен под друго име, со што Деканатот бил ставен во заблуда. Но, на Фејсбук страницата на MMSA Macedonia настанот беше јасно објавен како ‘Патот на транзицирањето’ со јасно наведени детали, што значи дека MMSA Macedonia признаваат вина дека заедно со родовите активисти се обиделе да го изманипулираат Деканатот и народот“, пишуваат од Коалцијата.

Ангела Бошкоска