Парламентот на Малта едногласно усвои закон со кој се легализира абортусот, но само ако има ризик по здравјето на жената

Парламентот на Малта едногласно го усвои Законот за легализирање на абортусот, но само доколку постои ризик по здравјето на жената, што се смета за голем чекор за претежно римокатоличката нација, пренесува Данас.

Одлуката ги олеснува најстрогите закони за абортус во Европската Унија, но активистите ја повлекоа својата поддршка, велејќи дека промените во последен момент го прават законот „нејасен, нефункционален, па дури и опасен“.

Според одредбите на новиот закон, на лекар му е дозволено да ја прекине бременоста без дополнителна консултација само доколку животот на мајката е во непосредна опасност. Жената чие здравје е во голема опасност може да добие пристап до абортус само по согласност на тројца специјалисти.

Илјадници Малтежани протестираа против законот во декември. Владејачката Лабуристичка партија, која го поднесе првичниот предлог-закон, ги поддржа амандманите, додека опозицијата исто така излезе со поддршка по измените.

Коалицијата од 14 групи рече дека барањето за тројца специјалисти е „неостварливо и опасно“ и предупреди дека дури и во случаи кога животот на жената е загрозен, „голема е веројатноста лекарите да бараат одобрение поради страв од кривично гонење“.

Малта е единствената од 27-те земји на ЕУ која досега го забрануваше абортусот од која било причина, пропишувајќи казна затвор од три до четири години ако се помогне на жена да абортира.