Париз најде еколошко решение за уринирањето во јавност

Во главниот град на Франција се поставени кутии кои ја претвораат урината во ѓубриво кое подоцна ќе се користи во парковите, а и ја апсорбираат непријатната миризба.

Париз одамна има проблем со „les pipis sauvages“, или „диво уринирање“, како што го нарекуваат мокрењето во јавност. Поради тоа, насекаде низ градот има непријатна миризба.

Затоа, големата црвена кутија наречена Uritrottoir, која има отвор напред, а врз неа има цветна икебана, има за цел да го направи уринирањето во јавност не само „поцивилизирано“, туку и еколошко.

Минијатурната градина стои врз затворената канта со суво сено, струганици од иверка или дрвени пелети, кои после одреден временски период, собираат одредени состојки од урината, ги претвораат во ѓубриво и се носат во парковите и градините.

Подеднакво значајно е тоа што органскиот материјал содржи многу јаглерод, кој многу ја прикрива миризбата.

5184 (1)

„Правиме ѓубриво за потхранување на почвата, па станува збор за циркуларна економија. Повторно употребуваме два производи кои се сметаат з ѓубре, урина и старо сено, за да направиме нешто со што растат растенија“, вели Лорен Лебо, кој го дизајнирал Уритротоарот со својот колега Виктор Масип од фирмата Фалтази.

Производот е изработен во две големини. Дизајнерите проценуваат, според просечната количина на течност при уринирање (450 милилитри), дека поголемиот модел може да апсорбира урина од 600 луѓе, додека помалиот околу 300.

Покриени со светло црвена боја отпорна на графити, а со цена од 3000 евра по парче, и двата типа кутии се снабдени со електронски систем за надзор кој испраќа сигнал кога сеното или дрвените пелети треба да се заменат.

Јавната железница на Париз веќе поставила две кутии во некои од најозлогласените места во Париз за јавно уринирање.

„Уринирањето е огромен проблем за железниците“, изјавил Лебо. „Луѓето кои си одат дома од излегување, се „олеснуваат“ пред да се качат во возот. Мириса лошо и чини цело богатство да се исчисти. А соседите се жалат“.

Уште три „суви тоалети“ ќе се тестираат во родниот град на дизајнерите, Нант, во западна Франција.

Лебо додава дека за дизајнот се сетиле откако биле на летен музички фестивал.