Палмира повторно под контрола на Исламска држава

Исламска држава повторно го презеде античкиот град Палмира во Сирија, пишуваат сириските медиуми.

Сириската новинска агенција, САНА, објави дека повеќе од 4 000 милитанти го опколиле градот од повеќе страни, и покрај тоа што претрпеа загуби од бомбардирањето на сириските воени сили. Руското Министерство за одбрана претходно соопшти дека и нивните авиони се вклучиле во воздушната кампања.

Сириската агенција за човекови права во Велика Британија потврди дека Палмира повторно „падна“ во рацете на ИД во неделата, откако сириските вооружени сили биле принудени да се повлечат од пустинскиот град.

„И покрај постојаните воздушни рации, Палмира повторно е под контрола на ИД, откако сириската војска се повлече јужно од градот“, изјави Рами Абдел Рахман од  агенцијата.
Медиумот на ИД, новинската агенција Амак, исто така објави дека џихадистичката група го презела античкиот град.
ИД првпат ја презеде контролата врз Палмира, кое е заштитно подрачје на УНЕСКО, во мај, минатата година. Сириските сили го повратија местото во март, годинава, откако ИД уништи голем дел од античките богатства, вклучително Триумфалната арка, стара 1800 години, и Храмот Балшамин, стар речиси 2 000 години.