„Палестина и Израел – минато, сегашност, иднина“ – проекција и дискусија

Проекција на документарниот филм „Газа се бори за слобода“ и дискусија за моменталната состојба во Газа ќе се одржи денес во Социјалниот центар „Дуња“.

Со почеток во 19 часот, ќе биде проектиран документарниот филм „Газа се бори за слобода“ на новинарката Аби Мартин.

„Неа ѝ бил забранет влезот во Газа од израелската влада под обвинение дека е ‘пропагандистка’. Така, Аби се поврзала со тим од новинари во Газа со цел да го продуцира филмот преку блокираната граница. Во филмот станува збор за историските протести, за Големиот марш на враќање, кои се случуваа секоја недела од март 2018 до декември 2019 година, но опфаќа и многу повеќе случувања“, велат од СЦ Дуња.

Оттаму додаваат дека документарецот ја раскажува приказната за Газа, минатото и сегашноста, прикажувајќи ретки архивски снимки кои ја објаснуваат историјата никогаш непризнаена од медиумите.